Урна рекорд: Шерпасот Ками Рита се искачи на Монт Еверест по 31-ви пат

Познатиот непалски планински водич шерпасот Ками Рита во вторникот се искачи на Монт Еверест по 31-ви пат, соборувајќи го рекордот што го постави минатата година.
Официјалните лица изјавија дека 55-годишникот стигнал до врвот висок 8.849 метри – највисокиот врв во светот – преку традиционалната рута на југоисточниот гребен, предводејќи индиски воен тим од 22 члена, додавајќи дека групата била придружувана од уште 27 шерпаси.
„Тој е многу страствен алпинист“, рече Пасанг Фурба, директор на „Севен Самит Трекс“, компанијата за која работи Ками Рита.
Ками Рита првпат се искачи на Еверест во 1994 година и од тогаш се чакуваше секоја година освен три години кога властите ја затворија планината за алпинисти од различни причини.
По Ками Рита, друг шерпас, Пасанг Дава, се искачил на Еверест најмногу пати – 29 искачувања. Меѓу алпинистите кои не се шерпаси, рекордот го држи британскиот водич Кентон Кул, кој се искачил 19 пати, а по него следуваат американските алпинисти Дејв Хан и Гарет Медисон со по 15 пати.
Непал, една од најсиромашните земји во светот, е дом на осум од 14-те највисоки врвови во светот и во голема мера се потпира на качување, планинарење и туризам
Водењето странски алпинисти до Еверест и други врвови обезбедува клучен семеен приход за многу шерпаси.
Властите издадоа 468 дозволи на алпинисти за искачување на Еверест оваа сезона од март до мај, а повеќе од 300 алпинисти и шерпаси веќе се искачија на врвот, соопштија официјални лица.
Познато е дека двајца алпинисти загинале на планината овој месец, а има и непотврдени извештаи за други смртни случаи.