Средното стручно образование станува сè попопуларно, најголем е интересот за компјутерски техничари


Средното стручно образование станува сè поатрактивно. Тоа го покажува и годинашниот прв уписен рок кој заврши денеска во 15 часот, а според добиените пријави, многу училишта нема да имаат потреба од втор и трет уписен рок бидејќи ќе ги пополнат слободните места уште во првиот. Од друга страна, дел од скопските гимназии кои редовно имаат најголем број на заинтересирани кандидати за упис, годинава имаат слободни места и за вториот уписен рок.

Едно од училиштата за кое интересот расте секоја година, е СУГС „Владо Тасевски“ во Аеродром, каде што годинава се пријавиле 240 ученици, што, според директорот Александар Сибиновски, е зголемување за педесетина ученици во споредба со минатата година.

„Најголем интерес кај нас има за насоката електротехничар за компјутерска техника и автоматика. Моравме во овој смер да одбиеме триесетина деца бидејќи предвидениот број беше исполнет. Расте интересот и за електро струката, за машинската струка, како и за сообраќајната струка“, вели Сибиновски.

Одбиените ученици кои аплицирале за насоката компјутерска техника и автоматика во вториот уписен рок може да аплицираат во „Михајло Пупин“, бидејќи во ова училиште ја има истата насока, но после првиот уписен рок дваесетина места останале непополнети.

„Кај нас за сите смерови, вкупно се пријавија 186 ученици. Ни останаа вкупно уште 50 слободни места. Според пријавите, за сите смерови има интерес, јас сум задоволен од уписот. Учениците кои доаѓаат кај нас се одлични, односно растеме на успех. Имаме и дуални паралелки, а децата кои таму ќе се запишат имаат можност да добиваат по 4.000 месечна стипендија. Најголем интерес има за паралелката за енергетика“, вели за Мета Димитар Ѓорѓиев, директорот на „Михајло Пупин“.

Во средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“ ќе се полага квалификациско тестирање за смеровите по албански наставен јазик бидејќи училиштето не може да ги прими сите пријавени кандидати. Како што за Мета.мк информира Хирмин Дураку, директорот на училиштето, ќе има тестирање за смеровите медицинска сестра, фармацевтски техничар како и за забен техничар, за албански наставен јазик.

„Кај паралелките на македонски наставен јазик, можно е да има квалификациско тестирање на насоката физиотеравпевти“, вели Дураку.

Во гимназиите, во последните години нема толкава навала како што имаше во периодот до пред пет и повеќе години. Во „Раде Јовчевски Корчагин“, по првиот уписен рок останале шеесетина слободни места. Во „Орце Николов“, пак, училиштето во кое имаше квалификациско тестрање заради огромниот интерес пред две години, годинава за 285 слободни места се пријавиле 290 ученици.

„Ќе отпаднат пет ученици. Тоа се деца со помалку од 70 поени, односно имаат по некоја четворка или тројка“, вели за Мета.мк директорот Митко Димовски.

Повеќе пријавени од предвидените слободни места, има во „Никола Карев“. За 272 слободни места се пријавиле 302 ученици.

„За жал, ќе мораме да одбиеме 30 ученици. Од пријавените, 180 се со просек 5,00, а остатокот се со неколку четворки. За италијанската паралелка ни се пријавија 25 деца. Секоја година нашето училиште го затвора уписот во првиот уписен ок“, вели за Мета директорот Андреј Манолев.

Согласно конкурсот за упис во средно училиште, вториот уписен роки е на 1 и 2 јули. За прв пат од пред две години, пријавувањето за упис во средно се одвива електронски, односно учениците треба да пополнат е-пријава. Потоа, сите документи треба да ги однесат во хартиена форма во училиштата. (Мета)