Србија се задолжува за дополнителни 340 милиони евра


 

Србија ќе издаде долгорочни државни хартии од вредност, со вкупна вредност од 340 милиони евра, а причината за задолжувањето е, меѓу другото, и за финансирање на буџетскиот дефицит, објави денеска Нова економија, повикувајќи се на владините одлуки до кои имала пристап. 

Обврзниците ќе се продаваат со директно преговарање со квалификуван инвеститор, а новото задолжување ќе послужи за рефинансирање на достасаните обврски врз основа на јавниот долг, како и за финансирање на тековната ликвидност и стекнување финансиски средства.

Обврзниците ќе бидат издадени на 23 август, а се поделени во две емисии.

Првата група обврзници со вкупна вредност од 250 милиони евра достасува во август 2025 година, додека втората група со вредност од 90 милиони евра доспева во август 2026 година.

Долгорочните државни хартии од вредност ќе се регистрираат кај германската банка Deutsche Bank Aktiengesellschaft, која ќе врши клиринг и салдирање.

Владата на Србија во јуни ја усвои Регулативата за општи услови за издавање и продажба на државни хартии од вредност на примарниот пазар, со што и овозможи на Владата да продава обврзници преку директни преговори со квалификуван инвеститор, објави Нова економија.