Македонија сака да ги добие неискористените средства од Планот за раст за Србија, Косово и БиХ, вели Сали


Првиот вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали вели дека забрзано се работи на реформската агенда и дека се прават напори да се добијат средствата од Планот за раст што ќе останат неискористени од Србија, Косово и Босна и Херцеговина.

Сали, кој денеска присуствуваше на седница на Управниот одбор на Стопанската комора, рече дека оценката на Европската комисија е дека имаме брзорастечко темпо во однос на другите држави од регионот. 

– Едноставно е правилото – кој испорачува реформи добива повеќе средства, кој ги губи позициите, ги губи и средствата, а реформите ќе мора да ги реализира за еден ден да стане полноправна членка на ЕУ. Европската комисија јасно укажува дека средствата можат да се пренасочат кон земји кои се понапред од другите кои заостануваат така што нашата држава забрзано работи и имаме признание од Делегацијата на ЕК во Скопје и од ЕК дека нашето темпо е побрзорастечко од другите држави во регионот. Се сметаме дека сме втора држава, се бориме со Црна Гоа со динамиката иако знаеме дека Црна Гора трета година се многу брзи во однос на чекорите што ги прифатија од европската агенда. Ние имавме избори, па локални избори, и застој во реформската агенда и затоа сега засега сме втори, но се бориме средствата што ќе останат неискористени од Србија, Косово и Босна и Херцеговина да се пренасочат кон нас, рече Сали. 

Искористеноста засега е околу 15 проценти или околу 112 милиони евра. За поголема искористеност за овие средства, според Сали, не е потребна само политичката волја и заложба, туку и зајакнување на капацитетите на локалните самоуправи. 

– Од 750 милиони, искористени се околу 112 милиони што е доволен знак дека ние сме многу спори во привлекувањето на директната помош којашто ни е на располагање и треба да работиме со институциите особено со локалната самопурава. Општините да ги зголемат капацитетите за привлекување на овие средства за да можат да креираат инфраструктура којашто ќе и помогне на бизнис заендицата, рече вицепремиерот за европски прашања. 

Клучното прашање не е дали имаме средства, туку како да станеме побрзи во регионот, истакна Сали. 

Од бизнис заедницата се нудат со сопствени капацитети да помогнат за поголема искористеност на средствата односно предлагаат да се најде механизам како да се повлечат повеќе пари.

Реформската агенда, која се состои од 134 чекори и треба да се реализира до 2028 година, меѓу другото е насочена и кон економијата и приватниот сектор. Дел од неа е и поедноставувањето на околу 100 административни процедури што би значело помал административен товар за компаниите, како и намалување на неформалната економија на 20 проценти. 

Во овој момент, Северна Македонија располага со над 1,3 милијарди евра европска поддршка, од кои над 600 милиони евра преку ИПА III и околу 750 милиони евра преку Планот за раст и Реформската агенда 2024–2027. Само преку ИПА инструментот, за периодот 2021–2024 мобилизирани се над 460 милиони евра, со вкупна поддршка што надминува 625 милиони евра. Овие средства веќе даваат конкретни резултати, со инвестиции од 93 милиони евра во транспортна инфраструктура, 89 милиони евра во животната средина и 49 милиони евра во вработување и социјални политики. Дополнително, обезбедени се над 100 милиони евра за земјоделство преку ИПАРД, 25 милиони евра за зелени инвестиции и над 9 милиони евра поддршка за мали и средни претпријатија.