Сточарите пред колапс – откупната цена на млекото намалена за уште два денари

Сточарите веќе не сакаат средба со министерот Трипуновски, туку бараат негова оставка. Млекарниците го откупуваат млекото од 29 до 24 денари


Сточарите немаат земено субвенции по грло добиток за 2025 година, а премијата за млекото им е исплатена до јуни 2025 година

 

БИТОЛА – Нова „казна“ од млекарниците стаса за сточарите, одгледувачи на говеда – откупната цена на млекото е намалена за два денари по литар.

Вака во една реченица сточари од Пелагонија ја опишуваат состојбата со откупот на суровото млеко. Падот на откупната цена на млекото се случува во континуитет, поизразено од лани летото, па така ако лани млекото се откупуваше до 33 денари за литар, сега според сточарите таа цена е 29 денари до 24 денари по литар.

Згора на ова, сточарите немаат земено субвенции по грло добиток за 2025 година, а премијата за млекото им е исплатена до јуни 2025 година.

Сточарот Тони Петковски од селото Велушина кој одгледува дваесетина грла крави вели дека денеска добил пресметка за предаденото млеко за април во која еден литар млеко наместо 30 денари му го пресметале на 28 денари, што значи дека млекарницата ја намалила цената за два денари.

„Во континуитет паѓа цената на откупното млеко. Од лани летото тоа е поизразено. Денеска добив ‘честитка’ од млекарницата, цената на откуп ми е намалена за два денари, збирно тоа се многу пари за еден сточар во ова кризно време. Сточари јавуваат дека пад на цената на откупот има речиси во сите млекарници, а во една од битолските млекарници цената на откупот се спушти до мизерни 24 денари за литар сурово млеко. Тоа е колапс за сточарите пред кој молчи државата“, вели сточарот Петковски, претседател на здружението „Пелагонско поле“.

Најголемиот револт кај сточарите е што секојдневно растат цените на горивата, на репроматеријалите, на ѓубривата и на сточаната храна, а само трудот на сточарите не е вреднуван.

Петковски пресметува дека со оглед на тоа што годишно на откуп предава околу 45 тони млеко, загубата со падот на откупната цена за неговото сточарско стопанство е 5 до 6 илјади ева. А само за храна за кравите годишно троши околу 8 илјади евра. Сточарот вели дека со ваквите цени и математики најголемиот удар е врз поситните сточарски фарми, а не им е лесно ниту на поголемите краварски фарми. 

Така, Петковски споредува дека ако денес цената на нафтата е поскапа за 2 денари, според која математика цената на суровото млеко е намалена за два денари од литар.

„Дизел горивото денеска е по цена од  93,5 денари за литар, значи два денари повеќе од мината недела, а млекото падна за два денари на откуп. По која логика? Лани летото литар нафта беше 68 денари, млекото на откуп до 33 денари за литар и поради неиплатливост сточарите нагло ги продаваа кравите на сточари од други соседни земји. Сега на оваа цена на нафтата која се ближи до 100 денари и на литар млеко кое паѓа и се доближува до 20 денари, каде е политиката на Владата за заштита на домашното производство на храна“, прашува Петковски и бара итна средба на сточарите со премиерот Христијан Мицкоски.

„Веќе не сакаме средба со министерот Цветан Трипуновски, очигледно не ја знае математиката на сточарите и со овие политики сточарството е во колапс. Не само за краварите, туку и за овчарите и козарите. Затоа бараме итна средба со премиерот, мора лично да ги слушне нашите проблеми“, порачува сточарот.

Сточарите веќе јавно го критикуваа министерот Трипуновски за неисплатените субвенции и бараат негова оставка. Сточарот Борче Бучински од Могила правејќи вели дека цената на суровото млеко е урната за цели 8 денари по литар. Ако лани во просек беше 33 денари литар сурово млеко сега е 25 денари за литар, вели сточарот.

„Ако во маркет литар млеко е 60 денари, минус овие 8 денари што ни ги скратија нас сточарите, значи млекото во маркет треба да е 52 денари. Дали имате видено дека млекото во маркет поевтинило за 8 денари? Не! Јас гледам дека скапотијата оди нагоре, литар млеко е од 75 до 80 денари и плус ни откупуваат чисто млеко, а продаваат хемија“, вели Бучински.  

Последната исплата на премијата за млекото за сточарите беше во март годинава за предадено млеко лани од јануари до јуни во откупни центри. Исплатени беа средства за 4.545 производители на млеко, во висина од 270 милиони денари. Ова сума се однесува за производителите и на кравјо, овчо и козјо млеко регистрирани како одгледувачи на говеда, овци и кози.

Според исплатата значи дека бројката на сточари во државата е под 5.000 регистрирани производители.  

За да добијат премија од државата сточарите треба да прикажат минимална прифатлива количина млеко од 300 литри месечно по земјоделско стопанство.

Висината на директните плаќања изнесува 6 денари по литар произведено и предадено кравјо млеко и 7 денари по литар произведено и предадено овчо и козјо млеко.

Досега субевенциите по грло за 2025 година се исплатени само за овците (2.139 одгледувачи на овци). Пари сѐ уште нема за одледувачите на крави и кози.