Србија се враќа во 90-те: Нема девизи, ни бензин, пристигнува и ТВ БК на Кариќ. Вучиќ, Дачиќ и Шешељ не ни заминаа

Сите настани во Србија оваа година потсетуваат на последните години од владеењето на Слободан Милошевиќ


 

Можен недостиг на гориво на дури 51 место во Србија, санкции, нема евра во менувачниците, Богољуб Кариќ се враќа на голема врата и ја отвора телевизијата БК, а додека државата врши репресија врз оние што протестираат, Александар Вучиќ, Ивица Дачиќ и Воислав Шешељ нè убедуваат дека сè е под контрола. Добредојдовте во деведесеттите години во Србија, во средината на третата деценија од 21 век. Ни требаат само Језда и Дафина, пишува Nova.rs.

Поради американските санкции врз нафтената индустрија во Србија, постои закана од недостиг на гориво на дури 51 место во Србија. Сè што се случува во Србија овие денови укажува дека сме назад во деведесеттите години, кога Југославија беше изолирана и под санкции, а недостатокот на гориво е една од најчестите асоцијации со тоа време.

Mинатата недела во рафинеријата за нафта Панчево започна прекинот на производството поради недостаток на сурова нафта за преработка, предизвикан како резултат на санкциите што ги воведе Министерството за финансии на САД врз компанијата НИС.

Друга силна поврзаност со деведесеттите години е недостигот на евра и инфлацијата. Така, Народната банка на Србија го објави новиот курс на динарот, кој покажува дека локалната валута ослабела во однос на еврото за 0,2 проценти во споредба со периодот од пред еден месец. Ова не е голем пад, но треба да се има предвид дека падот на динарот во однос на еврото за целата година изнесува[e само 0,3 проценти.

Претседателот на Демократската партија, Срѓан Миливојевиќ, и претседателот на Партијата за слобода и правда, Драган Ѓилас, предупредија за недостигот на евра во менувачниците и за курсот на динарот.

Репортерот на Nova.rs сведочи дека менувачниците во Белград имаат проблеми со еврото. Можно е да се смени ограничена количина пари или дури да се остави телефонски број, така што менувачницата ќе ве повика кога повторно ќе имаат евра.

Сето ова е голем флешбек во деведесеттите години од минатиот век, а потоа, како шлаг на тортата, пристигна веста дека телевизијата БК на претприемачот Богољуб Кариќ повторно почнува да работи. Токму Кариќ ја информираше јавноста за ова на мрежата Икс.

„Драги пријатели, сакам да ве известам дека нашата БК телевизија повторно почнува да работи во Србија“, со овие зборови Богољуб Кариќ го започна своето обраќање.

„Еве нè повторно со нашата гордост, нашата БК Телеком Телевизија, позната српска, југословенска, балканска и европска куќа која ја промени историјата на медиумите во овој регион. Она што нашите новинари, уредници, техничари, секој работен човек го направија за Југославија во тоа време, никој не го повторил до денес во историјата на нашата земја. Триесет и три години поминаа од идејата до реализацијата на БК Телевизија, и ние сме горди на сите што учествуваа во тој голем потфат“, напиша Кариќ.

БК Телевизија порано беше една од најгледаните станици во Србија, во сопственост на Богољуб Кариќ, и ја изгуби лиценцата во 2006 година поради обвинувања за политичка пристрасност, по што беше спречена да емитува програма преку кабелски оператори и национални фреквенции, иако кратко време продолжи да работи преку сателит. Обидот за враќање во 2017 година заврши во 2020 година, кога таа повторно не доби национална дозвола.

Деведесеттите години од минатиот век, во кои работеше БК Телевизија, беа, како и денес, исполнети со студентски и граѓански протести, кои полицијата ги потиснуваше со насилство, а режимот со одмазда и зголемена репресија.

Масовните протести и собири на српски граѓани по смртта на 16 лица во Нови Сад траат повеќе од една година. Пред неколку месеци, имаше и барање до претседателот Александар Вучиќ да распише вонредни парламентарни избори, што тој досега не го сторил.

Оваа година, локални избори се одржаа во пет општини во Србија, кои беа обележани со нерегуларности и инциденти, а токму големите протести во поранешна СР Југославија започнаа откако Слободан Милошевиќ не сакаше да ги признае резултатите од локалните избори.

Лидерот на радикалите Воислав Шешељ и министерот за полиција Ивица Дачиќ се грижат „сегашните деведесетти“ да бидат во полн сјај. Децении подоцна, тие сè уште буквално го узурпираат јавниот простор. Шешељ не го напушта студиото на ТВ Информер, каде што ги нарекува студентите и учесниците на протестот „усташи“, а министерот Дачиќ уверува дека полицијата не користи прекумерна сила против граѓаните, додека пак, создавањето на Чациланд, каде што сомнителните луѓе се собираат во шатори пред парламентот, го нарекува „прописно регистриран јавен собир“.

Коментирајќи ја атмосферата во општеството, која неверојатно потсетува на 1990-тите, психологот и поранешен вицепремиер Жарко Кораќ за Нова вели дека постојат огромни сличности, а клучната разлика е што нема војна и човечко страдање.

„Сè што се случува во Србија е многу слично на деведесеттите. Сега, Богољуб Кариќ се враќа и со својата телевизија, што значи дека тој е во основа заинтересиран за враќање во политиката. Тој не би инвестирал пари во неа ако не сакаше да се врати во политиката преку неа. Коштуница го избрка од неа, а сега јасно мисли дека моментот е вистински, дека Вучиќ е слаб, дека не може да го спречи неговото враќање“, вели Кораќ.

Тој додава и дека авторитарниот систем на владеење потсетува на 1990-тите, на аспирацијата дека само една партија ја претставува Србија, а сите други се непријателски расположени…