Србија сака да купи пет до 10 проценти удел во унгарската нуклеарна централа
Србија ја разгледува можноста за купување од пет до 10 проценти удел во унгарскиот проект за нуклеарна централа Пакс 2, чија изградба официјално започна претходно оваа недела, а експертите го гледаат тоа како чекор напред во долгорочната енергетска стабилност на регионот
Доколку официјален Белград одлучи да учествува во проектот Пакс 2, по повеќе од три и пол децении, Србија би го направила првиот конкретен чекор кон враќање кон нуклеарната енергија, како дел од пошироката стратегија за обезбедување стабилно и прифатливо снабдување со електрична енергија, објави во недела Радио телевизија Србија (РТС).
Српскиот претседател Александар Вучиќ, политички истомисленик и пријател на унгарскиот премиер Виктор Орбан, постојано изразува интерес за Пакс 2 и ја најавува можноста за учество на Србија во проектот.
Во ноември 2014 година, државните делегации на двете земји потпишаа серија билатерални договори во Будимпешта, нагласувајќи дека унгарско-српските односи се на „највисоко историско ниво“ и дека двете земји имаат заеднички интереси во енергетскиот сектор, инфраструктурата и транспортот.
„Го замолив Орбан да ја разгледа можноста за купување на пет или 10 проценти од акциите во унгарската нуклеарна централа Пакс, а нашиот удел би бил околу 150 милиони евра“, рече Вучиќ тогаш по разговорот со Орбан.
Покрај тоа што му понуди на Орбан Србија да учествува во изградбата на унгарската нуклеарна централа Пакс 2, Вучиќ објави дека Белград ќе биде дел и од единствената берза за електрична енергија со Словенија и Унгарија.
Нуклеарната централа „Пакс 2“ од 1.200 мегавати ја гради рускиот „Росатом“ по принципот „клуч на рака“, но во технолошкиот процес ќе учествуваат и француски и германски партнери. Станува збор за реактори од најнова генерација со подобрени безбедносни системи, објавија медиумите на почетокот на изградбата на нуклеарната централа, која се наоѓа на околу сто километри од Будимпешта.
Унгарските власти го гледаат проектот како „симбол на енергетски суверенитет и долгорочна стабилност“, со оглед на тоа што корисниот век на нуклеарната централа е најмалку 60 години, со можност за продолжување. Според експертите, стабилното производство на електрична енергија во земја-членка на Европската Унија „значи и поголема безбедност за целиот регион“.