Србија договори стенд бај аранжман со ММФ


 

Со средбата во Народната банка на Србија (НБС) завршени се официјалните разговори на мисијата на Меѓународниот монетарен фонд со делегацијата на Република Србија, а за време на посетата беше предложен нов стенд бај аранжман кој ќе го замени постоечкиот инструмент за координација на политиките, јави дописникот на МИА од Белград.

Од НБС соопштија дека разговорите биле водени во рамки на третиот преглед на резултатите од спроведувањето на договорената економска програма, поддржан од советодавниот, нефинансиски инструмент за координација на политиките (ПЦИ) од јуни 2021 година.

-Истовремено се разгледуваше склучување на нов стенд бај аранжман со Меѓународниот монетарен фонд (Stand-by Arrangement – SBA), чиј фокус е на продолжување на одговорната економска политика, со дополнителна поддршка за финансиската стабилност во текот на период на вонредни светски околности и испреплетување на неколку кризи, соопштија од НБС.

Во соопштението се додава дека предложениот стенд бај аранжман ќе биде дополнителна поддршка за финансирање во предизвикувачки услови во светскиот економски амбиент, како и дека ќе ги поддржи макроекономските политики и напорите на Владата за спроведување на структурните реформи, со фокус на енергетскиот сектор. Стенд бај аранжманот ќе го замени постоечкиот Инструмент за координација на политиките и ќе се надоврзе на реформската агенда на Инструментот, земајќи ги предвид тековните предизвици.

Од НБС изјавија дека во текот на двонеделните разговори се разговарало за актуелните монетарни, фискални и макроекономски движења и проекции, врз основа на кои мисијата позитивно го оценила спроведувањето на договорената економска програма и го пофалила континуитетот на добрите економски политики. Исто така, беше оценето дека токму благодарение на одговорното управување со економската политика и сеопфатниот пакет монетарни и фискални мерки, Србија успешно ја зачува макроекономската, финансиската и фискалната стабилност и во период на зголемени предизвици. Пофалена е и навремената подготовка на српските власти за натамошни потенцијални шокови од меѓународната средина.

Утврдено е дека српската економија забележа силно закрепнување од пандемијата, но дека сите сега се соочуваме со негативните ефекти од неповолните случувања на светско и регионално ниво, кои влијаат на понискиот глобален раст, а со тоа и на намалената надворешна побарувачка за српскиот извоз од земјите на ЕУ кои се најголеми надворешно-трговски партнери, како и високите цени на енергентите и прекините во синџирите на снабдување.