Среќни и испотени: Спектакуларен концерт на Чолиќ во Скопје
Среќни и испотени бевме синоќа на спектакуларниот концерт на на балканската поп-ѕвезда Здравко Чолиќ (68) на Градскиот стадион. Третиот во низа во Скопје, по двата лани во ВИП Арената, во организација на „Прагма продукција“, повторно ни донесе возбуда, спомени од младоста, и надеж како полесно да се помине староста.
На концертите на Чолиќ, најомилената наша ѕвезда од регионот, секогаш доаѓаш како дама и господин, а излегуваш како возбуден и среќен тинејџер, како да си освоил лото, како да не знаеш што да правиш со сета таа среќа, чувство и задоволство.
Ѕвезда и мангуп цел живот, никогаш не е здодевен иако ги знаеме наизуст старите хитови но и новите песни. Прекрасен звук и визуелни ефекти, преубави танчерки на сцена, звездено небо од пенкала-сијалички и огромен балон за публиката.
Стадионот, беше преполн со среќни луѓе, жени, мажи и деца од сите генерации, носталгични по едно убаво време, но и радосни што Чола со новиот албум пак ни донесе симболично уште „Она малку среќа“.
Здравко, елегантен, два пати се пресоблече, во тегет и во бел костум, и со подолга пуштена коса, уште го сакаат дамите, а на мажите им е како идол. Кадифени играчки летаат кон сцената и понатаму, тој се поздравува со обожавателките кои му пружаат раце, добива уште ружи и насмевката му е иста.
Концертот почна со хитот „Продужи даље“ па три часа се редеа наизменично новите и старите песни: „Пусти, пусти моду“ , „Ти си ми у крви“, „Красива“…
И да ни пее секоја вечер Чола во Скопје, не ни е доста. Тој ни е во крвта. За цел живот.
Л. Сабит Фото: Борис Грданоски