Советот за безбедност без Спасовски, Филипче и Османи


Иако требаше да почне во 12 часот, доцнеше состанокот на Советот за безбедност кај претседателот, бидејќи се чекше дали на него ќе дојдат премиерот Оливер Спасовски, вицепремиерот Бујар Османи и министерот Венко Филипче. Според последната вест, тројцата откажале присуство.

Тројцата функционери ги затече веста дека и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски има корона вирус, а тие вчера беа на средба со него, иако беа заштитени со маски. Во кабинетот се чекаше да решат како ќе постапат и дали ќе дојдат, по оваа информација од Куманово.

Вицепремиерот Османи нјави дека ќе остане изолиран до вторник по што ќе направи тестирање. Од кабинетот на Оливер Спасовски порачале дека се прават анализи и консултации со епидемиолозите, а кога ќе биде направена проценката и донесена одлуката јавноста ќе биде информирана дали и тој и министерот за здравство ќе останат исто така во изолација неколку дена. Со оглед на тоа дека од утре е празник и полициски час, никој нема ни да го забележи тоа.

Од кабинетот на претседателот известија дека немало време место состанок во живо, да се организира видео конференција. Од таму посочуваат дека одамна применуваат посебни мерки, дека на сите присутни им се мери температура, дека се користат дезинфекциски сретства, дека сите вработени се со маски и се седи на дозволена далечина.

Во моментов двајца лидери на политички партии се во изолација заради можност да се заразени од корона вирусот, а една парламентарка и двајца градоначалници се заразени, што го прави уште поактуелно прашањето – ќе се објави ли сценариото како ќе функционира државата ако короната стигне до врвот на државата и се разболат пред се министерот за здравство, премиерот и претседателот на државата, кога спикерот на парламентот функционира со распуштен парламент. (С.Ј.)