Советот на Општина Тетово изгласа измена на буџетот, ќе биде поголем за три милиони евра

Советот на Општина Тетово на денешната 54-та седница изгласа измена и дополнување на Буџетот на Општина Тетово за 2025 година, со што се зголемува износот за околу три милиони евра. Се работи средствата добиени од „унгарскиот кредит“, кои се наменети за капитални проекти.
-Предвидено да се заврши булеварот „Видое Смилевски-Бато“ до крајната дестинација согласно проектот а тоа е до влезот на село Порој. Се предвидува изградба на дел од патната инфраструктура во селата Џепчиште и Голема Речица. Еден од поголемите проекти, во рамките на развојната програма е исто изградба на уште една општинска зграда до постојната зграда, каде што беа порано бараките на општинската инспекција. Има и други помали проекти, изјави Биљал Касами, градоначалник на Тетово.
Тетовските советници дадоа согласност за изградба на Меморијален парк во кругот на Клиничката болница во Тетово, во знак на сеќавање на жртвите во пожарот во модуларната болница, заедничка координирана иницијатива на Општината, Министерството за здравство и семејствата на починатите.
Советот донесе одлука за прифаќање на донација, доделување на финансиска помош за поединци и одлука за утврдување на потреба од проширување на урбанистичко планска документација со цел вклопување на бесправните објекти.