Социјалната нееднаквост ги изнесе Чилеанците на улица


Во текот на изминатите две недели, Еквадор и Чиле – две земји од Латинска Америка разделени со повеќе од 2.500 километри – се соочија со жестоки антивладини протести. Демонстрациите започнаа откако претседателите во двете земји излегоа со економски најави, кои предизвикаа масовен отпор.

Социјалните трендови зад протестите можат да се забележат и во други јужноамерикански земји, оцени Валеска Хесе, директорка на канцеларијата за Латинска Америка на фондацијата „Фридрих Еберт“. Хесе смета дека исто како и аргентинскиот претседател Маурисио Макри, лидерот на Еквадор, Ленин Морено, бил принуден да објави мерки за штедење – сега откажани – поради преговорите за долговите со Меѓународниот монетарен фонд.

„Повеќе од 50 години ММФ го спроведува истиот рецепт, економска либерализација и намалувањето на јавната потрошувачка“, вели таа. И иако Чиле нема проблеми со долгот, сепак има паралели со ситуацијата во Еквадор и Аргентина.

„Чиле е неолиберална земја во светот. Секој аспект од јавниот живот таму е приватизиран: пензии, здравствена заштита, образование“, рече Хесе. Сепак, многу Чилеанци имаат проблем да врзат крај со крај, и тоа е важен фактор во тамошните протести. „Просечен граѓанин од средна класа заработува околу 700 евра месечно, но трошоците за живот се споредливи со Берлин“, вели таа.

Чиле може да се пофали со добри економски бројки, факт што неодамна беше потврден во извештајот објавен од Економската комисија за Латинска Америка и Карибите. Во извештајот стоеше дека нивото на сиромаштија во Чиле се намалило за три процентни поени меѓу 2016 и 2019 година. Меѓутоа, во истиот извештај се утврдува дека 1 отсто од населението на земјата поседува 26,5 отсто од нејзиното богатство.

Хесе рече дека таквата екстремна нееднаквост меѓу богатите и сиромашните може да се види во многу земји на континентот. И додека Чиле не е најсиромашниот регион во светот, „неговата нееднаквост е најекстремна во светот“. Оваа изјава беше поддржана од индексот ГИНИ на Светска банка, кој ја следи нееднаквоста на глобалното богатство. Само две земји надвор од Латинска Америка – Јужна Африка и Руанда – беа рангирани меѓу 10-те.

Мајкл Алварез е портпарол на фондацијата „Хајнрих Бул“ и работеше како директор на тинк-тенк во Сантијаго де Чиле неколку години. Тој смета дека по многу години социјален напредок во раните 2000-ти, многу земји од Латинска Америка сега ги затегнуваат ремените.

„Дефицитите растат во Еквадор, Аргентина и во други земји во регионот и владите не се спротивставуваат на тоа со систематски ремонт на нивните даночни системи и со даночни реформи“, вели тој.

„Кога левичарските влади беа на власт, имаше многу програми за редистрибуирање дизајнирани за подобрување на состојбата на сиромашните граѓани“, оценува Хесе. Но, додаде таа, тие не успеаја да ги решат итните структурни проблеми. Дали постои ризик протестите да се шират во другите земји во регионот? Хесе не размислува така.

„Ако имаше ризик од зараза, мислам дека луѓето во Аргентина ќе излезеа на улиците. Но, можеби тоа не е така бидејќи изборите се одржуваат в недела“, рече таа.

Бетина Хорст, заменик директор на конзервативниот тинк-тенк Либертад и Десароло, е поскептична.

„Секоја земја во Латинска Америка има свои економски разлики. Единствено што е заедничко е фактот дека организираните левичарски групи се обидуваат да ги дестабилизираат своите демократии“, рече таа. „Ако не можат да ја добијат власта преку гласачката кутија, тие бараат да го добијат тоа преку насилство.“

Според Хорст, токму тоа се случува во Чиле. „Тие што протестираат го прават тоа без јасни цели и лидерство, едноставно само ја дестабилизираат демократијата на земјата“, вели Хорст.

Алварез не се согласува. Тој го осуди насилството во Чиле, но истакна дека се организираат многу мирни протести од граѓаните кои ги бараат своите права. И, нагласи тој, тоа не се случува само во Чиле.

„Во споредба со минатиот век, луѓето во Латинска Америка веќе не се подготвени да прифатат социјална нееднаквост“, смета тој, убеден дека овој сентимент може директно да се види во јакнењето на граѓанското општество што се случи во последните 20 години. (Д.В.)