Собранието ќе распише оглас за избор на Народен правобранител – ќе се бара наследник на Зибери


Фото: Б. Грданоски

На денешната 59. седница, Собранието донесе одлука за распишување оглас за избор на Народен правобранител.

На седницата беше прифатен предлогот за избор на член на Комитетот за односи меѓу заедниците, од редот на Ромската заедница, а беа донесени и законите за вработените во јавниот сектор, административни службеници и за стручно усовршување и обука на административните службеници.

Прифатени и на натамошно второ читање беа дадени предлог-законите за изменување и дополнување на законите за туристичката дејност, за заштита на културното наследство и за библиотеките, како и измените на Законот за државните награди. Пратениците не го прифатија предлог законот за дополнување на Кривичниот законик.

Собранието ги усвои извештаите за реализација на Годишната програма за работа и развој на Агенцијата за цивилно воздухопловство, годишните извештаи за работењето на Агенцијата за супервизија на осигурување и на Агенцијата за супервизија на осигурување за состојбата и движењата на осигурителниот пазар, сите за во 2024 година.

На дневен ред останаа предлог законите за изменување и дополнување на Законот за возила и на Законот за здравствено осигурување двата по скратена постапка.

Пратениците во рамките на 59. седница треба да ги разгледаат и предлог законот за изменување и дополнување на Законот за основање на Јавно претпријатие Македонска радиодифузија, предлог закон за изменување на Законот за научно-истражувачка дејност, предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за платежни услуги и платни систем и предлог на закон за изменување на Законот за воздухопловство сите по скратена постапка.