Со вината „Луда Мара“ светот го гледате во очи – „Тиквеш“ со спектакуларна забава го промовираше новиот визуелен идентитет
Гостите избегаа од секојдневното, уживаа во моментот, истражуваа нови хоризонти и се нурнаа во уникатното искуство што го нуди Луда Мара

Моќниот слоган на брендот „Луда Мара“ – „Гледај го светот во очи“, синоќа, во Музејот на современа уметност, собра моќни луѓе од сите сфери на живеење и вистински пријатели на „Тиквеш“ кои знаат што е добро вино и добра дружба. Избегаа од секојдневното, уживаа во моментот, истражуваа нови хоризонти и се нурнаа во уникатното искуство што го нуди Луда Мара.
Прекрасни хостеси ги дочекуваа гостите, (најмалку од политиката), на црвениот послан килим, во гала амбиентот под ѕвездено небо и со најубав поглед на Скопје, прво со звуци на македонски изворни песни, па класичен репертоар , па се до светски поп-хитови доцна во ноќта.
Во извонредна атмосфера исполнета со артистички содржини, со брзи и љубезни келнери кои постојано точеа четири вина : омилените Temjanika и Vranec, и новите White Cuvée и Red Cuvée, и мали деликатесни залачиња, „Тиквеш“ го промовираше целосно новиот визуелен идентитет на својот автентичен бренд „Луда Мара“ (за вината кои досега ја сочинуваа линијата „Special Selection“) .
Синоќа, пред уважените гости се обрати Светозар Јаневски, македонскиот бизнисмен и претседател на Управниот одбор на винарската визба ,,Тиквеш”, кој, меѓу другото, истакна дека …„Моќниот слоган на брендот „Луда Мара“ – „Гледај го светот во очи“, е повик за љубителите на виното храбро да се соочуваат со сите животни предизвици и со реалноста, не предавајќи се на рутината и не бегајќи од можностите, искуствата и предизвиците што ги носи животот…
„Темелниот пристап за креирање на овој бренд е базиран на успешно етаблирање на вината „Луда Мара“ на домашниот и на странските пазари. Следејќи го примерот на другите добро познати брендови на „Тиквеш“, како „Т’га за југ“, „Александрија“ и вината од специфични микро-локации, се очекува и брендот „Луда Мара“ да ги освои срцата на потрошувачите и набрзо да стане еден од водечките брендови на пазарот, истакна Јаневски.
Целосно новиот визуелен идентитет, ја надополнува приказната за брендот „Луда Мара“ која го носи името на истоимената река која минува низ Кавадарци и има огромно влијание врз создавањето на виното и винската култура во овој регион низ вековите. Бројните легенди за оваа река ја опишуваат нејзината понекогаш грижлива, а понекогаш непредвидлива природа. Со своите излевања таа ја хранела и збогатувала почвата, но исто така ја покажувала и нејзината нескротлива сила. Оваа река е олицетворение на двојноста на животот и симбол на човечката издржливост и рамнотежата помеѓу човекот и природата.
Карактерот на реката Луда Мара опишан во овие легенди е инспирација за создавање на брендот „Луда Мара“, како и на дизајнот на етикетите на вината што се дел од него, повикувајќи на свесност и храбро соочување со животот.
Добре дојде во новото поглавје на Луда Мара. (Л.С.)