Со поддршка од Владата ќе се ревитализира велешкото езеро Младост


Со поддршка од Владата во висина од 10 милиони денари ќе се ревитализира велешкото езеро Младост, за што Јавното претпријатие за водостопанство „Лисиче“ кое стопанисува со езерото веќе потпиша договор со Министерствот за животна средина преку кое ќе добие 4 милиони денари од Програмата за управување со водите за 2025 за санација на темелен испуст  на браната Отовица и за сифонско решение, а другите средства ќе ги добие со одлука на Влада преку Министерството  за земјоделство, шумарство и водостопанство во висина од 6 милиони денари преку Програмата за водостопанство за 2025 кои ќе се искористат во две фази.

Во првата фаза ќе се доделат еден милион денари за отстранување на наслагите од површината и по крајбрежниот појас на езерото, а во втората фаза пет милиони денари за техничко решение, геолошко истражување и ископ на бушотини за бунари покрај езерото преку кои ќе се врши  дотур на свежа вода, за спас на велешко езеро Младост.

Во изјавата за МИА, директорот Ване Маневски информира дека од утре ќе се распишат јавните набавки за изведувачи на работите. Тој потенцира дека само дотурот на свежа вода и добивање на кислород во езерото ќе овозможи спас на езерото кое веќе две години изумира и на кое има забрана за секаков вид на употреба, рекреација, капење  и наводнување.

Маневски се заблагодари на Владата што на седница позитивно одговори на нивните молби за спас на езрото. Тие, како што рече, се засноваат и се поткрепени врз основа на комплетни стручни испитувања и анализи направени на водата на велешко езеро Младост  на барање на ЈПВ „Лисиче“ од страна на стручњаците од ЈНУ Хидробилошки завод од Охрид, кои од лани летото се објавени на увид на веб-страницата на ЈПВ „Лисиче“.

-Од името на ЈПВ „Лисиче“ и сите вработени и граѓаните на Велес и се заблагодарувам на Владата и двете министерства  што ни дадоа поддршка за спас на велешкото езеро Младост, нагласи Маневски.

Тој очекува за 15 – тина дена да завршат постапките за јавни набавки  и избраните изведувачи да започна со теренските работи за спас на велешко езеро Младост. Воедно, очекува со испитувањата за брзо време да се изнајдат бушотини со вода, односно да се направат бунарите како привремени решенија за дотур на свежа вода во езерото Младост. Инаку засега како привремено решение тое е единствен спас за езерото Младост и целокупниот растителен и животински свет кој за жал веќе изумира.

Со поддршка на Општина Велес, како што најави градоначалникот Марко Колев, со 3 милиони денари од општинскиот буџет ќе се чисти коритото на Отовичка река, а работите ќе започнат од Отовичкиот залив. Воедно локалната власт планира и дислокација на еден крак од колекторот за прочистување на отпадните води од околните куќи и објекти.