Со платежните картички од Владата ќе се купуваат само домашни производи
Со домашната платежна картичка, која е дел од третиот сет мерки, ќе се купуваат само домашни производи и услуги и на тој начин ќе се помогнат и граѓаните со пониски примања кои ќе ја добијат картичката и домашните фирми. Домашната платежна картичка ќе се користи во ограничено покусо време и на тој начин во пократок рок ќе се влејат повеќе средства во домашното стопанство, рече министерката за финансии Нина Ангеловска.
– Овие картички и оваа приватна потрошувачка ја фокусираме кон дома, кон домашното кон македонските призводи, кон македонските услуги. Како? Со тоа што за среќа технологијата ни дава сега можност да се имплементира тоа со цел да може да се ограничи каде оваа картичка ќе може да се искористи и во колкав временски период. Зошто е важно што кажувам кон дома – затоа што ако прво ја погледнеме структурата на бруто домашниот производ – 65 отсто придонесува приватната потрошувачка, со ова директно ја помагаме. Тоа е важно да останат средствата кон домашните фирми и домашните производи затоа што ако ја погледнеме нашата увоз-извоз компонента има негативен придонес кон брутодомашниот производ, а ако дозволиме да се купуваат странски производи негативно можеме дури да влијаеме, вели Ангеловска во гостување на Телма.
Министерката за финансии, како што соопштуваат од Министерството за финансии, посочува првиот столб од третиот пакет мерки, кој се однесува на приватната потрошувачка, вклучува таргетирани групи граѓани како ранливите категории, граѓаните со ниски примања погодени од кризата, невработените лица, граѓаните кои се вработени но имаат близу минимална плата, кои ќе добијат ваучери за туризам и домашна платежна картичка. Понатаму тоа се младите и студентите кои не само што ќе добијат платежна картичка и директно ќе ја забрзаат приватната потрошувачка, туку и ќе добијат вештини во ИТ и дигитализација, бидејќи се нудат кофинансирање на обуки за млади лица. Четвртата група се лекарите и здравствените работници кои беа во првата линија во борбата против Covid-19.
Ангеловска посочува дека третиот сет мерки има за цел да го амортизира ударот врз економијата и истиот има многу системски пристап да даде директни и краткорочни ефекти но и на долг рок да влијае на системски решенија. Покрај преку стимулирање на приватната потрошувачка, преку вториот столб на мерки директно се помагаат фирмите и економијата.
-Вториот столб е директна поддршка кон стопанството и ако видите има точно поставени цели. Прво ги вклучува малите, микро компании, средните, стартапите, фокус кон ИТ, фокус кон земјоделството и со директни мерки, дали е тоа бескаматни кредити со грант компонента, дали е тоа директна финансиска поддршка согласно законот за финансиска поддршка на инвестиции, покажуваме дека се издвоени средства за двете страни согласно нашиот фискален простор, добро таргетирани со цел да ги дадат ефектите кои што се зацртани, вели Ангеловска.