Со навреди до цензус?
Граѓаните малку ќе одморат од политика во наредните празнични денови, со оглед на тоа што стигнуваат најави од политичките субјекти кои ги поддржуваат двајцата кандидати за шеф на државата дека делумно ќе стивнат пропагандните активности. Стево Пендаровски, велат од СДСМ, ќе го почитува мирот на граѓаните. Предвидени се само средби приспособени на празничната атмосфера, но не и големи митинзи и јавни трибини.
„Немаме намера да им досадуваме на граѓаните ниту да ги оптоваруваме“, велат од штабот на Пендаровски. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека и наредните денови ќе ги поминат работно со средби со граѓаните, но со намален интензитет.
„Ќе имам непосредни контакти со граѓаните. Подготвена сум каде било да се видам со неопределените луѓе и секому, секаде да им одговорам на сите прашања зашто немам што да кријам“, изјави вчера Гордана Силјановска-Давкова, која во битката за глас повеќе објави дека утрината бојадисала јајца според традицијата која налага домаќинките да ги бојадисуваат првите три велигденски јајца на Велики четврток пред изгрејсонце.
Двајцата кандидати имаат уште само неколку дена да ги претстават своите политики преку директен контакт со граѓаните, со оглед на тоа што вториот решавачки круг од гласањето за шестите претседателски избори е на 5 мај, а на 3 мај на полноќ стапува молк. Во сублимиран заклучок на актуелните состојби аналитичарите со кои разговаравме оценуваат дека по првиот круг на претседателските избори, во кој се покажа дека кај електоратот постои исклучително ниска мотивираност за гласање, двата табора видно ја изменија стратегијата во очајна потрага по дополнителни гласови за достигнување на цензусот. Прашањето за името, да речеме, ја губи силата и полека испарува од политичката сцена, но затоа негативната кампања со компромитирачки епизоди од професионалниот живот на кандидатите добива на интензитет. Веројатно двете страни сметаат дека тоа ќе има политичка употребна вредност, односно дополнително ќе го мобилизираат сопствениот резервоар на гласови, кој во првиот круг не реагираше соодветно на нивните потреби.
Од СДСМ ја посочија Силјановска како пример за транзициски профитер и симбол на непотизам. За време на нејзиниот мандат како министерка во првата влада во независноста, нејзиниот сопруг добива бизнис со фри-шоп, во тоа време е еден од најдоходовните бизниси.
„Таквиот чин на непотизам, судир на интереси и злоупотреба на функцијата, во тоа време наидува на жестока критика токму од пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. Собраниските архиви говорат дека Силјановска за ВМРО-ДПМНЕ воопшто не била ‘симбол на правото и правдата’, туку узурпаторка на функцијата и транзициска профитерка, како што била опишувана во собранието во 1994 година токму од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ. Меѓу нив се и тогашните пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, Михаил Пановски и Александар Флоровски“, ќе обвини портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.
Пендаровски, пак, прави обид за мобилизација на гласачите преку азилантот и почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
„Масовното гласање на 5 мај за бројот 3 значи дека никогаш повеќе во оваа земја нема да се врати режимот на Груевски и на фамилијата. Верувам и луѓе што гласале за ВМРО-ДПМНЕ не сакаат тие времиња да се вратат. Груевски ќе се врати само за да отслужи казна затвор“, рече Пендаровски на завчерашната трибина во Прилеп.
За ВМРО-ДПМНЕ, пак, тој а не Силјановска е олицетворение на транзицијата, лице од службите и, како што велат, заштитник на криминогеноста.
„Гласот за Стево е глас за поддршката на криминалот од власта. Пендаровски нема ни ‘К’ за криминалот на власта! Нема критика ни за партизацијата, непотизмот, за полнењето на администрацијата со деца, внуци, роднини, мајки дедовци на партиски функционери на СДСМ! Пендаровски е наследник на истата политика од 90-тите години од минатиот век која ја опустоши земјата“, изјави вчера портпаролот на партијата Наум Стоилковски.
Забележливо е дека ВМРО-ДПМНЕ особено во вториот дел од кампањата сака да се промовира во јавноста како најголем заговорник и промотор за правото и правдата. Во тој тон е и последното заедничко видео на Силјановска и Мицковски.
Резултати од првиот круг, според политичките посматрачи, покажаа дека постои незадоволство кај граѓаните од низата отстапки и чести суспендирања на принципот на владеење на правото за да се постигне потребното мнозинство за донесување на уставните измени, во кои спаѓа амнестијата за 27 април и секако бегството на Груевски. Но најголемата опозициска партија, според нив, е последната адреса од каде треба да стигнат ваквите критики бидејќи новото раководство не го осуди јасно и гласно децениското криминално владеење на своите претходници.
Силјановска, како што рече самата, ќе се обиде да разговара и со припадниците на потврдата десница, односно оние кои заговараат бојкот, а сè почесто ја споменува и „Шарената револуција“ намалувајќи го притоа жарот во битката за одбрана на името велејќи дека „јас не сум кралица ниту царица за да поништувам некој договор“.
„Деновиве двајцата кандидати зборуваат за и во име на ‘Шарената револуција’. Тоа е сосема легитимно, дури и тоа беше поентата на самото движење – дека ни припаѓа на сите нас. Но, едната кандидатка смета на поддршка од револуционерите и револуционерките, иако претставува партија чии лидер и политики беа директната причина за самата револуција. Таа не се огради од Груевски ниту неговото владеење го нарече режим“, реагира пратеникот и еден од неформалните водачи на „Шарената револуција“, Павле Богоевски.
Ниската излезеност претставува сериозен ризик за вториот круг. Аналитичарите не се сигурни дали одредените промени во стратегиите на двајцата кандидати ќе придонесат да се достигне потребната излезеност. Не е сосема јасно каква ќе биде реакцијата на албанското гласачко тело вклучувајќи ги и оние 80.000 гласа што ги освои во првиот круг кандидатот на албанската опозиција Блерим Река, по „судската акција“ во Исламската верска заедница.
Алиу: Случајот со ИВЗ не е клучен за гласачите
„Аферата со вработувањата на блиски лица на функционери во јавната администрација и скандалот со ИВЗ на одреден начин ја поклопија претседателската кампања. Тие веројатно во одредена мера ќе влијаат на гласачите, но мислам дека тоа нема да биде клучниот фактор“, вели аналитичарот Ќенан Алиу. Тој смета дека нема да има политички пазар за гласовите кои ги доби Блерим Река и дека гласачите ќе одлучат по сопствено убедување.
„Она што е јасно е дека Албанците ќе го поддржат Пендаровски, но неизвесно е во колкав број ќе излезат на гласање. Според мене, мешањето во локалните избори со поддршка на коалицискиот партнер во владата ДУИ може скапо да го чини СДСМ. Пендаровски ќе победи, но не може точно да се предвиди што ќе се случи со цензусот. Треба да се напомене дека во првиот круг имаше голем број неважечки ливчиња – дури 32.000 на така мала излезеност. Тоа во принцип се гласачи кои се незадоволни од политиките на владејачката гарнитура. Резултатите од првиот круг се некаков параметар, но сите прогнози за вториот круг сега се само на ниво на шпекулација“, вели Алиу. (Н.К)