Со графити нагрдена спомен-плочата за бродската несреќа на „Илинден“, Бугарија реагира
Министерството за надворешни работи на Бугарија со длабоко жалење го одбележува повторениот чин на сквернавење на спомен плочата на 15 -те бугарски туристи кои загинаа во несреќата со бродот „Илинден“ во 2009 година во Охрид.
„Таквиот однос кон споменот на невините жртви од трагичната несреќа е неприфатлив.
Секој чин на омраза против друга држава или нејзините граѓани е во спротивност со основните вредности на модерните демократски општества.
Очекуваме властите на Република Северна Македонија да преземат брза акција за да ги идентификуваат сторителите и да одговараат, како и да ја вратат спомен плочата во првобитниот изглед.
Нашата амбасада во Скопје веднаш испрати протестна нота до Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија, во која се изразува ставот на нашата земја“, додаваат оттаму.
Инаку, непознати сторители со испишани графити ја нагрдиле спомен плочата поставена пред паметникот на бугарските туристи кои трагично настрадаа во бродската несреќа на Охридското Езеро.
На таблата пред споменикот се забележуваат испишани графити, но самиот споменик или таблата не е оштетена.
Несреќата се случи на 5 септември 2009 година во 10:30 часот, кога потона бродот „Илинден“ што со 57 патници сообраќаше на релација од
Охрид за Свети Наум. „Илинден“ се преврте и потона на околу 250 метри оддалеченост од брегот на езерото, кај автокампот „Елешец“.
МНР веднаш ја исчисти плочата
Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија најостро го осудува последното сквернавење на спомен-плочата “Солзата на Роза“ во Охрид, поставена во сеќавање на жртвите од бродската несреќа во 2009 година, кога 15 бугарски туристи загинаа при потонувањето на бродот „Илинден“ во водите на Охридското Езеро.

Веднаш штом добивме информација за овој чин, од страна на надлежните државни власти беа преземени соодветни мерки и споменикот за кратко е вратен во првобитната состојба. За оваа информација благовремено, со нота, е известена и Амбасадата на Република Бугарија во Скопје.
Во оваа прилика сакаме да потенцираме дека се работи за изолиран случај, кој не е во согласност ниту со државната политика, ниту претставува интерес на граѓаните. Република Северна Македонија продолжува со политики и активности во насока на унапредување на добрососедските односи со сите наши соседи, за што постои поддршка од огромно мнозинство граѓани на земјава.