Со донација од 800.000 евра, почна реконструкција на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово

Со донација од околу 800 илјади евра, почна реконструкција на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово.
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски изјави дека се работи за донација од општествено одговорна компанија која, рече, донирала објект во оваа сума и во општина Теарце за реализација на канализациски проект што треба да заврши со пречистителна станица.
-Ова е чин на голема возбуда и задоволство затоа што од таа гимназија се излезени многу професори, научници, градоначалник, изјави Мицкоски.
Донатор е компанијата „Унипромет НМ ДООЕЛ Скопје“. Оваа компанија ќе донира 800.000 евра кои ќе бидат наменети за целосна реконструкција на двата објекта од гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово познати како Старо медицинско училиште.
Со реконструкцијата на првата зграда ќе бидат опфатени 7 училници, 1 кабинет за информатика, 2 тоалета, 1 наставничка канцеларија, 1 просторија за библиотека, 1 канцеларија за помошник директор и 1 просторија за технички персонал. Во втората зграда ќе се реконструираат 6 училници, 1 наставничка канцеларија, 1 тоалет, училници за кабинети по природни науки и 1 мала спортска сала.
Во март годинава, Советот на Општина Тетово едногласно ја прифат донацијата за таа реконструкција.
Градоначалникот на Тетово Биљал Касами соопшти дека со реконструкцијата, гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ ќе добие целосно нов лик и нови услови за учениците.
Како што рече, двата објекта што ја сочинуваат гимназијата, се најстари во Тетово и „симбол за традиција во градот“.
До 2001, во централниот објект на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ заедно учеа учениците кои ја следеа наставата на македонски и на албански јазик. Но, по неколку инциденти и тепачки меѓу учениците, наставниците и учениците од македонската настава, чувствувајќи се небезбедно, ја напуштија гимназијата и неколку години наставата ја следена во несоодветни објекти, во училиштето „Гоце Делчев“, како и во просториите на Работничкиот универзитет. Од учебната 2017/2018 наставата се одвива во двата овие објекта познати како Стара медицина. Но и овие две згради, кои се изградени во првата половина на 20 век, ни од далеку не ги задоволуваа условите за одвивање современа настава.