Сменет шефот на кинеската дипломатија Чин Ганг

Чин Ганг последен пат беше виден во јавноста пред еден месец. Не се соопштуваат детали зошто е сменет, но се зборува за љубовна афера


Сменетиот министер за надворешни работи Чин Ганг

 

Само шест месеци откако беше поставен, Чин Ганг е сменет од функцијата министер за надворешни работи на Кина, според одлуката на кинескиот парламент, пренесува Ројтерс. Причините за оставката не се прецизираат.

За нов министер беше назначен Ванг Ји. Тој ја извршуваше оваа функција до декември 2022 година, а потоа стана шеф на Комисијата за надворешни работи на Централниот комитет.

Пред тоа, 57-годишниот Чин исчезна од јавноста. Последен пат беше виден на 25 јуни – одржа состаноци со официјални претставници на Русија, Виетнам и Шри Ланка, објави кинеското Министерство за надворешни работи. Сите средби се одржаа во Пекинг.

На 11 јули, Чин го пропушти состанокот на министрите за надворешни работи на АСЕАН во Индонезија. Министерството тврдеше дека тој не можел да присуствува „поради здравствени проблеми“. Наместо тоа, Ванг Ји отиде таму.

На 10 јули, Жозеп Борел, шеф на службата за надворешна политика на Европската унија, требаше да пристигне во Кина за да се сретне со Чин Ганг, но патувањето беше откажано без објаснување. Прес-службата на Борел прецизираше дека Пекинг најавил неможност за посета на закажаните датуми.

На 17 јули, портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи Мао Нинг рече дека „нема информации“ за тоа кога Чин ќе се врати на должност. „Дипломатската активност на Кина продолжува како и обично“, рече таа.

Мистериозното исчезнување на министерот доведе до тоа британскиот министер за надворешни работи, Џејмс Клевери, да го откажа планираното патување во Пекинг, напиша Блумберг.

Чин, дипломат од кариера беше доверлив соработник на кинескиот лидер Ши Џинпинг. Како министер за надворешни работи, Чин упати жестоки прекори на Вашингтон откако односите паднаа на ново ниско ниво како последица на осомничениот кинески шпионски балон што беше соборен над САД.

Тој, исто така, одигра клучна улога во последователните напори на двете страни за стабилизирање на нарушените врски и обновување на комуникацијата, вклучително и средбата со американскиот државен секретар Антони Блинкен за време на неговата посета на Пекинг во средината на јуни.

Чин Ганг наводно е разрешен поради љубовната афера со 40-годишната телевизска новинарка од Хонгконг, Фу Шијаотијан

Пред да се случи ова, кариерата на Чин беше во подем. Како поранешен портпарол на Министерството за надворешни работи, тој стана амбасадор во Соединетите Држави во 2021 година во време на зголемени тензии меѓу двете земји и беше номиниран за Централниот комитет на Комунистичката партија во октомври минатата година.

Во Кина случаите на исчезнување на високи функционери, познати личности и бизнисмени не се невообичаени. Последователно, често излегува дека тие биле вклучени во криминали или други скандали. Така, во јули 2022 година исчезна министерот за индустрија и информатичка технологија Ксијао Јакинг. Никој не го виде 21 ден, по што стана обвинет во истрага за корупција и остана без функцијата.

Во исто време, сè уште немаше причини за апсењето на Чин Ганг. „Вашингтон пост“ напиша дека тој може само формално да биде кривично гонет под обвинение за корупција за да „го казни за можна вонбрачна врска“ со 40-годишната новинарка од Хонгконг, Фу Шијаотијан.