Сме имале електронска писарница, без архивирање и дигитална обработка на документи

Национален електронски систем за управување со документи еДМС, кој е клучен за дигиталната администрација и функционирањето на јавната управа, ќе биде целосно редизајниран и модернизиран, нaјави денеска министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
Системот, кој беше користен само од 20 институции, се покажал нестабилен, несоодветен и без соодветна техничка поддршка и сајбер безбедносни стандарди.
-Кога ја презедовме одговорноста за системот, затекнавме состојба која не одговара на потребите ниту на граѓаните, ниту на институциите. Станува збор за прескап, но дисфункционален систем кој се користи во само 20 институции. Во последните две години немало техничка поддршка, одржување или развој. Не постоеле стандарди за сајбер безбедност и никој не се грижел за безбедноста на системот. Честите прекини и падови го правеле системот нестабилен. Тој се користел исклучиво како електронска писарница, без примена на архивирање или дигитална обработка на документи, појасни Андоновски.
По преземањето на одговорноста за системот, министерството ги презелo првите конкретни мерки, вклучително и донесување нов закон за архивско работење по европски стандарди и спроведување пенетрациски тестови за безбедност.
-Во изминатите месеци преземавме конкретни мерки. Прво, донесовме закон за архивско работење во согласност со стандардите на Европската унија, кој обврзува администрацијата да работи електронски. За прв пат спроведовме пенетрациски тест на EDMS системот за да ги откриеме и адресираме безбедносните слабости. Утрово ги добивме првичните информации, кои укажуваат на критични забелешки, но тие во голема мера се резултат на неправилно одржување во изминатиот период, истакна Андоновски.
Нагласи дека имаат цел до крајот на годината, еДМС да биде целосно функционален, безбеден и интегриран систем, со автоматизирана обработка на документи и можност за следење на предмети во реално време, а најави и дека од 1 октомври 2025 година, министерството целосно ќе ги исфрли хартиените документи од своето работење.
Планираме, рече Андоновски, и вклучување на нови институции, министерства, агенции и јавни претпријатија и дека во моментот има најави од пет нови. Нагласи дека на граѓаните ќе им биде овозможено да го следат статусот на своите предмети во реално време и дека системот ќе обезбеди целосна електронска обработка, автоматизирано создавање решенија, известувања и сертификати со електронски потписи и печати.
За државата, ова ќе значи усогласување со стандардите на ЕУ и реформската агенда, која предвидува воведување единствен систем за управување со документи во сите државни институции до 2028 година, согласно законот за архивско работење.