Случајниот товар во Бејрут: Како непланираното застанување во пристаништето доведе до катастрофа


Капетанот на бродот Борис Прокашев (во средина) со двајца членови на екипажот во пристаништетот на Бејрут во летото 2014 година

 

МОСКВА – Хемикалиите што ја предизвикаа во најсмртоносната експлозија во мирно време во Бејрут, пристигнаа во либанската престолнина пред седум години на товарен брод со руски закупци, кој според неговиот капетан никогаш не требало да застане таму.

„Тие беа алчни“, рече Борис Прокошев, кој беше капетан на „Росус“ во 2013 година, кога сопственикот му се јавил непланирано да запре во Либан за да собере дополнителен товар.

Прокошев рече дека бродот носел 2.750 тони високозапалива хемикалија од Грузија до Мозамбик кога стигнала наредба да се пренасочи кон Бејрут на својот пат низ Медитеранот.

Од екипажот било замолено да натоварат некоја тешка опрема за патишта и да ја однесат во јорданското пристаниште Акаба пред да го продолжат патувањето кон Африка, каде амониум нитратот требаше да го предадат на производител на експлозиви.

Но, бродот никогаш не го напушти Бејрут, откако се обиде и не успеа безбедно да го натовари дополнителниот товар пред да биде вклучен во долгиот правен спор околу пристанишните трошоци.

„Невозможно беше“, изјави Прокошев (70) за Ројтерс за операцијата да го натовари дополнителниот товар. „Можеше да го уништи целиот брод и јас реков не“, рече тој преку телефон од неговиот дом во руското одморалиште Сочи на брегот на Црното Море.

Неколку месеци подоцна, од безбедносни причини, амониум нитратот беше растоварен и ставен во склад на пристаништето.

Во вторникот, тој склад се запали и експлодираше. Во огромната експлозија загинаа 145 лица, повредени се 5.000, срамни со земја многу згради и направи повеќе од една четвртина милион луѓе бездомници.

Бродот можеби ќе успеал да го напушти Бејрут, доколку го натоварел дополнителниот товар.

Екипажот ја поставил опремата, вклучувајќи багери и валјаци за патишта, над вратите на товарниот држач што го држел амониум нитратот подолу, вели Украинецот Борис Мусинчак, кој бил дел од екипажот. Но, држачите за вратите се искривиле.

„Бродот беше стар, а капакот на држачот се искриви “, рече Мусинчак преку телефон. „Решивме да не ризикуваме“.

Капетанот и тројцата членови на екипажот поминаа 11 месеци на бродот додека правниот спор се одолговлекуваше, без плати и само со ограничени набавки на храна. Откако тие заминаа, амониум нитратот беше растоварен.

„Товарот беше многу експлозивен. Тој амониум нитрат имаше многу висока концентрација“, рече Прокошев.

Прокошев го идентификуваше сопственикот на бродот како руски бизнисмен Игор Гречушкин. Обидите за контакт со Гречушкин беа неуспешни.

Амониум нитратот го продаде грузискиот производител на ѓубрива „Рустави азот“ и требаше да биде предаден на производителот на експлозиви во Мозамбик, „Фабрика де експлозивос“.

Леван Бурдиладзе, директор на фабриката „Рустави азот“, изјави за Ројтерс дека неговата во компанија работела само хемиската фабрика во последните три години и затоа тој не може да потврди дали таму е произведен амониум нитратот.

Тој ја нарече одлуката за чување на материјалот во пристаништето во Бејрут како „грубо кршење на мерките за безбедно складирање, со оглед дека амониум нитратот ги губи своите корисни својства за шест месеци“.

Шефот на пристаништето во Бејрут и шефот на царината рекоа дека до судството биле испратени неколку писма во кои се бара да биде отстранет материјалот, но не е преземена никаква акција.

Според Прокошев, бродот бил стар, но добро пловел кога се насочил кон Бејрут во септември 2013 година.

„Жал ми е за луѓето (убиени или повредени во експлозијата). Но, локалните власти, Либанците, треба да бидат казнети. Тие воопшто не се грижеа за товарот“, рече тој.

Напуштениот „Росус“ потона таму каде што беше закотвен во пристаништето во Бејрут, според е-пораката во мај, 2018 година од адвокат до Прокошев. (Ројтерс)