Словачка го продаде неискористениот дел од вакцините Спутник V назад во Русија
Словачка– Словачка ги продаде повеќето од своите дози на руската вакцина „Спутник V“ назад во Русија, објави во петокот словачкото Министерство за здравство, поради намалениот интерес на словачката јавност за вакцинирање со производ што не е одобрен од европски регулатор.
Купувањето на „Спутник V“ беше политички фијаско за тогашниот премиер Игор Матовиќ, кој ја купи руската вакцина без да се консултира со своите коалициски партнери. Матовиќ беше принуден да даде оставка, иако подоцна се врати во Владата како министер за финансии.
Словачката регулаторна агенција СУКЛ одби да ја одобри употребата на „Спутник V“, повикувајќи се на нецелосни податоци за производителот.
Министерството во петокот објави дека 10.500 Словаци ја примиле првата доза на вакцината и дека други 8.000 се на списокот за примање на оваа вакцина.