Слободата на медиумите во светот бележи најголем пад во последните 50 години

Слободата на медиумите во светот бележи најголем пад во последните пет децении, а демократијата уназадувала во 94 земји во изминатите пет години, покажува „Глобалниот извештај за состојбата на демократијата 2025“ на Меѓународниот институт за демократија и изборна помош (IDEA) од Стокхолм.
Според генералниот секретар на „IDEA“, Кевин Касас-Замора, демократијата е под „совршена бура“ од автократско зајакнување и масовни социјални и економски промени. Тој предупредува дека за заштита е потребно зачувување на изборите и владеењето на правото, но и длабоки реформи што носат фер пристап и инклузивност, пишува Гардијан.
Извештајот покажува дека слободата на медиумите се влошила во една четвртина од државите, а најголеми падови има во Авганистан, Буркина Фасо, Мјанмар и Јужна Кореја. Во Палестина, речиси 200 новинари се убиени од октомври 2023 година, а Израел им забранува на странски медиуми влез во Газа.
Како позитивни примери се наведуваат Чиле, со законски иницијативи за заштита на новинарите, како и напредок во Боцвана, Јужна Африка, Полска и Јордан.
Извештајот, меѓутоа, предупредува дека САД го намалиле своето глобално учество во поддршка на демократијата, што дополнително ја ослабува меѓународната демократизација.