Скопјанец собира биомед од карпите


 

Тетово – Во карпи, земјена глина и дрвја, кои се наоѓаат во недопрена природа, подолг период семејството Ибраховиќ од скопско Батинци собира биомед кој го произведуваат пчели рујаци без стопан, односно пчелар. Во овој биомед 100 отсто има и полен и пчелно брашно и затоа е посебен од другите. Произведен е од чиста природа.

Сени Ибраховиќ вели дека медот му е баран на пазарот оти лечи многу болести, а производствениот процес е целосно заштитен од какви било надворешни влијанија, како пестициди, загаден воздух и потхранувања на пчелните семејства, што сега сè почесто се практикува од медарите поради суровите климатски промени.

„Овој мед е специфичен затоа што е биомед, произведен 40 километри подалеку од урбаните средини, односно во планина. За местата од каде што го собираме ни јавуваат ловџии и овчари, тие ги препознаваат пчелите рујаци. Овој мед и ова саќе се јадат бидејќи се многу здрави. Јас сум единствениот што собира ваков мед. Тука нема пчелар. Ова се пчели рујаци и кога напролет ќе избегаат, се вгнездуваат во карпа, а потоа луѓе ни јавуваат дека на некое место има пчели и ние го собираме. Јас сум планинар и ова ми одговара. Можам да  соберам до 500 килограми мед. Секаде низ Македонија може да се собере ваков мед. Но, на пример, во Тетовско е студено и тука пчелата не може многу да опстане“, вели производителот на биомедот, Сени Ибраховиќ.

Медарите се жалат дека овоштарите без да ги консултираат ги прскаат своите овошки со пестициди, со што се загадува нивниот производ, а често угинуваат и цели пчелни семејства.

„Има многу проблеми со кои се соочуваме. Еден од нив е некоординираноста со овоштарите и нивното несовесно прскање кога дрвјата цветаат. Тогаш имаме помор на пчелите, ама со тоа си прават проблем и на самите себе, затоа што со тоа им се намалува приносот на нивните производи, бидејќи без пчели нема опрашување на овошките. Јас лично немам проблем со конкуренција бидејќи медот го продавам без проблем. Но, во маркетите има мед со лош квалитет, а инспекциите дури и наоѓаат нешто во теглите што не е мед. Но купувачите сепак на крајот препознаваат што е квалитет“, нагласува Владимир Антовски, пчелар од тетовското село Жилче.

Од Агенцијата за поттик и развој на земјоделството бараат поголеми законски санкции за тие што ги уништуваат пчелните семејства.

„Ме радува што младите почнаа да го прифаќаат пчеларството како профитабилна дејност и нема да се разочараат. Но, мора да кажам дека природата не е многу дарежлива, не дава многу мед. И сами знаете дека имаме глобални климатски промени, па кога багремот треба да меди, се соочуваме со врнежи од дожд. Флората и фауната се на некој начин на работ на уништување. Некои растенија што сме ги имале пред 15 години, сега ги немаме. Јас сум пчелар. Порано вадев мед по трипати, а сега често и ниту еднаш. Овоштарите треба да ги почитуваат законите во однос на пестицидите и тогаш ќе има успех“, ни изјави Петре Атанасовски од Агенцијата за поттик и развој на земјоделството.

Зоран Димовски