Канти и возила има, но далеку сме од региони без отпад


 Клучните аспекти на одржливото управување со отпад, вклучително и регионалното планирање, инвестициите и инфраструктурата, институционалната и меѓуопштинската координација, како и вклучувањето на граѓаните во процесите, беа дел од темите на денешниот регионален форум за управување со отпад – „Заедно за регион без отпад: кон функционален и одржлив регионален систем“, што се одржа Скопје. Форумот е во организација на проектот „Одржливо управување со отпад на локално ниво“, финансиран од Шведска и имплементиран од SALAR International, во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за локална самоуправа и ЗЕЛС.

Форумот се однесува конкретно на Пелагонискиот и на Југозападниот Плански Регион за управување со отпад бидејќи овие плански региони се здружени во оваа активност. Учесниците разговараа за чекорите што им претстојат на општините во делот на формализирање на меѓуопштинската соработка, донесување на спогодбата помеѓу сите овие 18 општини, кои треба да формираат заедничко јавно претпријатие, кое ќе биде всушност и носител на целиот овој систем за управување со отпад. Регионалната депонија и претоварните станици ќе бидат управувани од страна на ова заедничко јавно претпријатие, а регионалната депонија ќе биде во општина Новаци, во кругот на концесиското поле на РЕК „Битола“.

Амбасадорот на Кралството Шведска, Ола Солстром, кој го отвори настанот, истакна дека управувањето со отпадот е поврзано со повеќе области – јавното здравје, квалитетот на животната средина, довербата на граѓаните во локалната власт и патот на земјата кон Европската Унија.

амбасадорот на Кралството Шведска, Ола Солстром

– Кога системот за управување со отпад функционира, како судијата во фудбалот, воопшто не го ни забележувате, но кога тој систем не функционира, последиците се видливи на сите страни, покрај патиштата, покрај реките, во градот, за сите и во секое време. Единствениот пат на Шведска кон ефективен систем за управување со отпад не беше нешто што се случи преку ноќ, не одеше праволиниски. Поминавме децении во градење односи, соработка помеѓу општините, со поддршка на националната правна рамка, што овозможи регионалните системи да се обликуваат и да испорачаат резултати. Но овој пат одзеде доста време и многу работа – порача Солстром.

Тој истакна дека овој процес чини навистина многу, а резултатите ќе бидат видливи само кога општините ќе планираат, ќе инвестираат и ќе работат заеднички.

– Пелагонискиот и Југозападниот Регион сега покажуваат како изгледа оваа соработка и што може таа да донесе во пракса – рече тој и додаде дека предизвиците со кои се соочува земјата, вклучувајќи ги и дивите депонии, нема да се решат само од страна на една општина, само од страна на едно Министерство или само од страна на еден донатор како Шведска.

Заменик-министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска во своето обраќање истакна дека регионалниот план за справување со отпад не е само административна обврска, тоа е клучна алатка за решавање на еден од најгорливите проблеми во нашите општини.

заменик-министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска

– Нелегалните депонии, нецелосната инфраструктура и ограничените ресурси не може ефикасно да се надминат поединечно. Токму затоа регионалниот пристап е неопходен. Со заедничко дејствување можеме да изградиме модерен и одржлив систем, кој ќе обезбеди подобра услуга за граѓаните, заштита на животната средина и поефикасно користење на финансиските средства – нагласи таа.

Додаде дека овој проект не е само инвестиција во инфраструктура, туку е инвестиција и во иднината на нашите заедници и истакна дека во овој момент има обезбедени финансиски средства преку заемот од ЕБРД, но и значајни грантови од нашите пријатели, како што во овој случај е Шведска, меѓутоа и од Швајцарија.

– Секако, тука е и политичката поддршка што ја има овој проект. Иако во минатото недостигаше опрема и механизација, сега веќе ја имаме на терен до крајот на 2026 година и сите комунални претпријатија ќе бидат комплетирани и со потребните возила онака како што ги побараа во толкав број како што ги побараа, со надеж дека ќе може понатаму да продолжат со успешно функционирање. Ова значи дека условите за реализација се поставени, сега клучниот фактор се нашата посветеност, координацијата и одлучноста на локално ниво – додаде таа.

Министерот за локална самоуправа Златко Перински порача дека темата на денешниот форум, заедно за регион без отпад, треба целосно и посветено да ја третираме и преку јасна определба да се стремиме кон современо управување со отпадот бидејќи тоа, пред сè, значи квалитетен живот, заштита на животната средина, јавно здравје, но и прашање на локален и регионален развој. На оваа тема, додаде министерот, не може да се влијае изолирано, туку, едноставно, само преку силна меѓуинституционална координација, партнерство и заедничка одговорност.

министерот за локална самоуправа Златко Перински

– Преку проектот за одржливо управување со отпадот на локално ниво се поддржува процесот на воспоставување на регионалниот систем за управување со отпадот во Пелагонискиот и Југозападниот Регион, процес што треба да претставува пример и модел за сите други региони во државата. Воспоставувањето регионален систем за управување со отпад претставува суштинска реформа, која бара долгорочна визија, координирана имплементација и институционална зрелост – рече Перински и додаде дека Министерството за локална самоуправа ќе продолжи активно да ја поддржува политиката за заштита на животната средина како клучен приоритет на државата во тесна координација со сите институции, општини и партнери.

Извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, нагласи дека верува оти овој процес ќе биде истеран до крај и додаде дека улогата на ЗЕЛС тука не е многу голема бидејќи целиот процес во врска со формирањето на депонијата го води Министерството за животна средина и просторно планирање.

Она што го прави ЗЕЛС, додаде таа, е примена, на, како што рече, меки мерки, кои се однесуааат на правење планови, тренинзи во насока на формирање на регионалниот центар.

– Ние имаме задача да им помогнеме на општините, кои не се во овие два региони, да видат како оди патот и како треба да се изведе. А Владата, државата, ја презеде активноста да ги направи сите овие депонии, шест, ако не го сметаме Скопје, пет, да земаат кредити, донации… – рече Перишиќ.

Извршниот директор на SALAR International, Рајан Нок, изјави дека е видливо оти изминативе години општините работат заеднички, што претходно не било секогаш случај.

– Кога соработката е реална, општините седат на иста маса не само да разговараат туку и заеднички да одлучуваат, се формираат структури во регионите што почнуваат да функционираат, и не само во теорија туку и во пракса, и тоа е солидна основа за идните чекори. Денес е важна пресвртница, го воведуваме процесот на планирање за новиот план за регионално управување со отпад. Ова не е само уште еден чекор во процесот, туку е момент од кој ќе се надоврзат следните чекори на еден покоординиран и практичен начин преку посилна меѓуопштинска соработка – истакна тој.

Нокс додаде дека регионалната соработка не претставува само амбиција, туку единствен пат секоја општина да може да достигне модерни стандарди за управување со отпад.

– Истовремено, треба да бидеме и реални во однос на тоа кои се ризиците, секое доцнење има цена, неефикасните системи претставуваат отров, оптоварување на квалитетот на услугите, ресурсите, квалитетот на живот. Работењето во изолација не е неутрално, туку е скапо, всушност тоа е најскапиот избор што може да го направиме. Заедничката работа и работењето навремено не е само подобро, туку и поодговорно. Ова е исто така можност да се вклучат општините, комисиите, институциите и да добијат силна поддршка од меѓународните партнери – истакна тој.

Нагласи дека новиот план за регионално управување со отпад не е само алатка, туку заедничка рамка за акции, патоказ за следните шест години со јасни приоритети и појасни основи за координација меѓу сите засегнати страни.

Раководителката на Секторот за управување со отпад, Ана Каранфилова-Мазневска, појасни дека форумот се однесува конкретно на Пелагонискиот и Југозападниот Плански Регион за управување со отпад бидејќи овие плански региони се здружени во оваа активност. Таа додаде дека овој проект е финансиран од шведската влада и е дополнителна помош на проектот што Министерството заедно со општините го спроведува како регионален проект за управување со отпад финансиран преку заемот од Европската банка за обнова и развој.

Таа истакна дека на форумот ќе се разговара за чекорите што им претстојат на општините во делот на формализирање на меѓуопштинската соработка, донесување на спогодбата помеѓу сите овие 18 општини, кои треба да формираат заедничко јавно претпријатие, кое ќе биде всушност и носител на целиот овој систем за управување со отпад, бидејќи регионалната депонија и претоварните станици ќе бидат управувани од страна на ова заедничко јавно претпријатие. Регионалната депонија, додаде таа, ќе биде во општина Новаци, во кругот на концесиското поле на РЕК „Битола“.

За тоа дали постои капацитет да се покријат сите 18 општини, Каранфилова-Мазневска истакна дека сите анализи досега покажале оти тоа ќе се случи, овој процес трае веќе подолго време, во завршна фаза се и подготовката на тендерската документација и идејниот проект.

За тоа како да се надминат проблемите со локалното население, рече дека верува оти локалното население со добра информираност, а веќе тоа континуирано и се случува, ќе разбере дека станува збор за еден современ систем, кој е многу подобар од системот или несистемот што сега го имаме.

– Паралелно со изградбата на оваа инфраструктура, важно е да се каже дека во рамките на овој проект ние набавивме и возила, и канти, и контејнери, ќе работиме на подигнување на јавната свест кај граѓаните дека мора да постои примарна селекција, значи нема целиот отпад да оди да се депонира, туку ќе се фокусираме на рециклирањето. Затоа ќе постојат две канти – жолта и зелена – и тоа, паралелно со подготовката на документацијата, ќе се работи на терен со населението и тие активности се веќе почнати – додаде таа.

На форумот учествуваа и повеќе градоначалници од Пелагонискиот и Југозападниот Регион, претставници на општините, јавните комунални претпријатија, граѓански организации, како и претставници на меѓународната заедница и експерти од регионот и Шведска.

По завршувањето на форумот, почна работниот дел од настанот, каде што претставниците на општините учестуваат во работилници посветени на подготовката на регионалниот план за управување со отпад за Пелагонискиот и Југозападниот Регион (2026–2032).