СЈО е во вештачка кома, признаваат обвинителите


Додека политичарите го договараат новиот закон за јавно обвинителство, Специјалното јавно обвинителство се држи во вештачка кома. Обвинителите одат само на судења за предметите за кои се поднесени обвиненија во законскиот рок, односно до 30 јуни 2017 година. „Освен што одиме на судењата и документацијата што ја прибираме, други активности немаме“, вели обвинителот од Специјалното јавно обвинителство, Гаврил Бубевски за постојаниот пад на довербата на граѓаните кон институцијата на која на почетокот на формирањето јавноста најмногу ѝ веруваше.

Според последната анкета на „М–Проспект“ покажува дека повеќе од половина од испитаниците – 57,1 отсто немаат доверба, наспроти 37,5 отсто кои имаат. Разликите на овие бројки, спореден со претходната анкета се мали, но се во надолен пад. По бегството на поранешниот премиер, Никола Груевски, мнозинство од 53,5 отсто од граѓаните немаа доверба во Специјалното јавно обвинителство, а му веруваа 41 отсто од анкетираните.

„Со одлуката на Врховниот суд и со непостапувањето по едно од обвиненијата во судот, се чувствува дека правното мислење на Врховниот суд си нашло свој пат. Во овој момент ние одиме само на судењата за предмети за кои сме поднеле обвиненија пред рокот. Освен документација што прибираме, други активности нема. И нормално е дека луѓето да немаат доверба во нашата работа, односно се намалува. Но, тоа многу брзо ќе се крене само да ги добиеме можностите“, вели Бубевски.

Последен удар за Специјалното јавно обвинителство беше одлуката на највискиот суд, со која поранешната министерка Гордана Јанкулоска се спаси од затвор, односно Врховниот суд го одложи издржувањето на затворот сѐ до преиспитувањето на правосилната одлука со која таа беше осудена на четири години затвор за набавката на луксузниот „мерцедес“.

„Сметам дека законот за извршување на санкции е премногу јасен во тоа. Заради правата на детето и мајката судот може да го одложи извршувањето на соодветната санкција додека детето наполни една година. Сѐ над тоа е недозволиво“, вели Бубевски, кој не ја видел одлуката на Врховниот суд кој се повикува на општа одредба од Законот за кривична постапка. Според него, тоа што високи функционери се повикуваат на вакви одредби е симптоматично.

Во својот говор пред претставници на правосудството, Бубевски користејќи го спротскиот речник рече дека корупцијата и криминалот ги води правосудните органи со неколку разлика.

„Сакале да признаеме или не, корупцијата и високиот криминал не успеваат без поддршка од правосудниот систем, односно негово активно учество. Секојдневно сме сведоци на разни вратоломии, кои ги прави правосудниот систем, на чело со Врховниот суд и неговиот прв човек како центарфор и со право граѓаните немаат речиси никаква доверба. Најмалку половина од полицајците, обвинителите и судиите своите секојдневни разговори ги почнуваат со јас открив ова, јас поднесов обвинение за ова, јас вака пресудив, со себеистакнување. Од тоа ‘јас’ никој нема бенефит. Нам ни треба систем, а не поединец“, рече Бубевски. Тој испрати апел до Судскиот совет да си ја заврши работата, односно да утврди одговорност за претседателот на Врховен, Јово Вангеловски.

Заменик-министерот за правда, Оливер Ристовски, кој е дел од преговарачкиот процес за носењето на законот за јавно обвинителство, вели дека деновиве нема преговори и преговорите не се поместени од мртва точка. Сепак уверува дека летово нема да се блокираат преговорите и очекува најдоцна до септември да се донесе законот.

Додека партиите се договараат се заговара нова опција, специјалната јавна обвинителка според постојниот закон, да биде избрана за вршител на должност уште една година.

„Со толкување на постојниот закон, додека законот е во сила, не е забрането да имаме вд обвинителка и тоа да биде специјалната јавна обвинителка. Не гледам пречка“, вели Бубевски.

И додека Специјалното јавно обвинителство се држи во вештачка кома, се одложуваат и оние судења чии обвиненија се почнати во регуларниот рок. Сепак, професорот по Кривично право и директор на Хелсиншкиот комитет, Гордан Калајџиев, вели дека судството треба да престане да чека одлуки од политиката.

„Не е добро што во општествотото постои поделеност во смисла на тоа дека правниот систем е поделен. Од една страна е недоверба кон Врховниот суд, од друга страна се обвинителството, Министерстото за правда и делумно со нив странски амбасади. Судството, ако сака да покаже дека е судство, мора да пресече по право, не политички. Цело време ги решаваме овие работи со политичка заднина, значи навивачи за СЈО, против елитата која се гони, но мора правно да решат“, вели Калајџиев.

Тој оценува дека „судиите во овој момент се меѓу чеканот и наковалната. ако одлучат дека тие обвинителни предлози и акти треба да се отфрлат ги чека критика од јавноста, веднаш би биле ставени во кош дека ја попречувале правдата. Од друга страна, ако во Основниот суд не го прифатат мислењето на Врховниот суд за овие предмети веројатно ќе бидат изложени на оценки на повисоките судови, особено Врховниот и повисоките, а богами и Европскиот суд за човекови права којшто во некои случаи има донесено јасни одлуки дека со судбината на граѓаните во момент кога за нив ќе настапи околност којашто доведува до запирање на постапките нема играње“, вели Калајџиев.

Тој тврди дека новиот закон за Јавно обвинителство не може да го реши проблемот со запрените истраги за корупција и криминал на поранешни високи функционери, бидејќи не може наназад да уреди дали некои истраги треба да продолжат.

„Едно решение за проблемот и своја визија даде Врховниот суд, со кое очигледно не се согласува обвинителството, чека некое латентно толкување. А еве вие кажете ми кој би можел да даде толкување за овој закон, кој практично е и дел од Пржинскиот договор? Такви оригинални ликови коишто би учествувале, т.е. да ја знаат идејата на тој спорен член 22, во моментов нема. Такви изјави дадоа само Ванхојте, па и самиот премиер, врзано дека тој рок од 18 месеци бил предмет на договор, кој во тој момент беше јасен. Беше јасен и според постапувањето на СЈО. Тие брзаа со доставување на предметите, па после тоа настапи затишје“, рече тој.

Судиите мора да пресечат според закон, дециден е Калајџиев.

Фросина Факова-Серафиновиќ