Сите самити за Западен Балкан водат кон Тирана

Не случајно ЕУ го закажа самитот токму во Албанија, каде што отпорот кон регионално поврзување е најголем во моментов


 

Лидерите на 27 земји членки на ЕУ утре ќе присуствуваат на првиот самит со земјите од Западниот Балкан што се одржува во регионот, а не во Брисел. Многумина побрзаа овој факт да го прогласат за историски, но за да биде така фали истото чувство да го делат и граѓаните што живеат во земјите од Западниот Балкан.

Тие веќе не можат ни да ја следат динамиката на многуте самити за регионот, ниту пак гледаат влијание од сето тоа на нивните секојдневни животи. Влијание има, но не такво какво што би сакале да видиме во моментов, бидејќи сите овие собирања на високо ниво се само форма која ни создава илузија дека се приближуваме кон саканата цел, а тоа е членство во ЕУ. А Македонија едвај по речиси три децении ги почна, и тоа условено, преговорите за членство, Србија отвори 22 поглавја за преговорање а затвори само две, Црна Гора отвори 33 преговарачки поглавја а затвори само три, Косово доби статус потенцијален кандидат за членство и најава за тргање на визите, а БиХ по три децении доби условен кандидатски статус.

Со оглед на тоа дека и земјите од Западен Балкан  не прават козјнае што суштинско за да одат напред во пристапувањето кон ЕУ и се надеваат дека ќе го победат Брисел на кондиција место на реформи,  обидот да се креира нов моментум од страна на ЕУ пред сѐ е резултат на безбедносната ситуација создадена со руската агресија на Украина и на фактот – дека земјите членки на Унијата сакаат да не имаат на своја страна во конфликтот.

Тој факт сепак не го знае Сали Бериша (кој е на црната листа на САД), идеен остаток од политичкото минато на Албанија кој сака да се врати на власт, а со себе да го врати и времето назад. Утре кога лидерите на 27-те земји членки на ЕУ и останатите од Западен Балкан, вклучувајќи го и Александар Вучиќ ќе дојдат во Тирана, тој ќе излезе да протестира против „руско-српската хегемонија“ која постои само во неговата глава и ќе покаже колку се реверзибилни процесите во регионот.

Не случајно ЕУ го закажа самитот токму во Албанија, каде што отпорот кон регионално поврзување е најголем во моментов и каде што сѐ уште мислат дека Албанците се во „војна“ со Белград и, заедно со Приштина, упорно ја проблематизираат поддршката на премиерот Еди Рама за Отворен Балкан и соработката што ја гради со Белград. Лидерите на ЕУ утре ќе видат дека во регионот сѐ уште има сили, и тоа моќни, кои не сакаат да се одлепат од минатото и кои мислат дека можат да влезат во ЕУ така што ќе одржуваат непријателство со соседството. 

На самитот, ќе се најде најверојатно и бугарскиот претседател Румен Радев кој треба да го истрпи задоволството на албанскиот премиер и други лидери во регионот поради лекцијата што ја доби Софија од Хаг со ветото за Шенген, откако со месеци се изживуваше со ветото за преговори на Македонија со Унијата.

Уште повеќе што Бугарија беше домаќин на еден од самитите на ЕУ со Западен Балкан во 2018 година и со години потоа го преставуваше тоа како свој најголем надворешно-политички успех и како доказ за водечката улога во регионот околу европерспективата на шестте земји. На тој самит, што Софија сѐ уште го смета за историски, се случи средбата на екс-премиерите Зоран  Заев и Алексис Ципрас која го отвори патот за потпишување на Преспанскиот договор – настан од кој Бојко Борисов не научи ништо и успехот го претвори во пораз, а подоцна плати и со премиерската фотелја. Сега цената ја плаќа и бугарскиот претседател, кој го губи не само угледот, туку и компасот во надворешната политика со деструктивната политика кон Македонија и упорното кокетирање со Русија.  

На овој самит сите светла сепак ќе бидат вперени во Србија, како најголема и највлијателна држава во Западен Балкан која успева и натаму да седи на два стола – и за ЕУ и за Русија. Всушност, целата оваа динамика на самити и на лидерски средби (последниот лидерски состанок на ЕУ со Западен Балкан беше на 23 јуни, а само пред еден месец во Берлин се одржа самит на кој присуствуваа најмоќните лидери на ЕУ плус Обединетото Кралство) е мотивирана од актуелната безбедносна и енергетска криза испровоцирана од воената агресија на Русија врз Украина, за која постои решеност во Брисел да се истера докрај – т.е. Москва конечно да плати цена за воените авантури, за непочитувањето на меѓународните правила и злоупотребата на енергенсите заради политичка доминација. Целта не е само да се спречи Балканот да биде употребен од Москва за да се сврти вниманието од Украина и да се рашири фронтот, туку и за да се намали списокот на нејзини евентуални сојузници што ќе ги користи за да тврди во јавноста дека не е осамена во тоа што го прави, дека е жртва, а не земја агресор. Земјите од регионот, пак, се заинтересирани да бидат дел од заедничката енергетска политика од ЕУ која вклучува  солдарност и помош, бидејќи сами не можат да се справат со последиците од превисоките цени на гасот и на нефтата. 

Од Брисел веќе најавија дека Русија, енергетската криза и безбедноста на храната се на врвот на прашањата што ќе се дискутираат во Тирана, покрај зајакнувањето на безбедноста и градењето на отпорност против странско мешање во регионот, справување со предизвиците што ги носи миграцијата и  борбата против тероризмот и организираниот криминал. Ќе се разговара и за интегрирање на Западен Балкан со внатрешниот пазар на ЕУ, за модернизација на регионалните платежни системи во согласност со стандардите на ЕУ, за дигитализацијата и за зелените коридори меѓу ЕУ и Западен Балкан, всушност, иницијатива за олеснување на прекуграничната логистика и за поконтинуиран проток на стоки. Ќе се договараат и координирани акции против манипулациите со странски информации и подобрување на колективната сајбер безбедност, која стана особено актуелна со најавите за бомби во училиштатат и институциите во некои земји од регионот, вклучувајќи ја и Македонија.

Високо во приоритетите е и прашањето за миграцијата, бидејќи бројот на илегални преминувања на балканската рута значително се зголеми во изминатата година, што вклучува усогласување со визната политика на ЕУ и соработка околу процедурите за враќање на мигрантите. Лидерите ќе расправаат, исто така, како да се зајакне соработката во борбата против тероризмот и спречувањето на радикализација.

Дали е навистина историски тоа што самитите на ЕУ со Западен Балкан доаѓаат во регионот и каква суштинска разлика ќе донесе тоа, е прашање на кое е тешко да се одговори во моментов. Идната година во регионт ќе се пресели и Берлинскиот процес, бидејќи следниот самит во овој формат е договорен исто така во Тирана. Како што тргнало, и покрај сите отпори кон Отворен Балкан, може сите овие самити да завршат во регионот поради замор од одржувањето на самити во Унијата. Во моментов средби на ниво ЕУ и регионот, покрај официјалните самити на ЕУ и Берлинскиот процес, се одржуваат и во рамките на Брдо процесот, и тоа еднаш годишно.

Последните години Берлинскиот процес го презеде приматот, но вниманието на јавноста за овие настани значајно падна откако беше лансиран во 2014 година. Во кој правец пак се развиваше се гледа од местата на одржувањето на самитите: Берлин (2014), Виена (2015), Париз (2016), Трст (2017), Лондон (2018), Познањ (2019) и Берлин (2022), со Тирана како следен домаќин.

Самитите на Југоистична Европа никој веќе не ги споменува, а самитите во формат ЕУ-Западен Балкан последните години како да се претопија во Берлинскиот процес, па по самитот во 2018 година во Софија се одржаа уште два – во Загреб 2020 година и во Брдо во 2021 година. Да не беше војната во Украина овие среќавања можеби и ќе паднеа во заборав.