Сите погледи свртени кон вакцините против КОВИД-19 – Македонија ќе набави 800 илјади дози, дали ќе биде доволно


Македонија ќе ја добие вакцината против корона вирусот на почетокот на следната година, најави министерот за здравство, Венко Филипче. Tој вели дека согласно сегашната динамика, треба да пристигнат во јануари или февруари

 

Како што се засилува пандемијата со корона вирусот и секојдневно се бележат црни статистики за бројот на новозаразени и починати лица од КОВИД-19, погледите во светот се свртени кон вакцините кои можат да донесат пресврт во борбата против инфекцијата. Македонија не е исклучок, имајќи го во предвид високото ниво на позитивни на корона вирусот (над 30 отсто од тестираните), а особено големиот број на смртни случаи кај нас – црниот биланс заклучно со вчерашниот ден изнесува 1.186 починати.

Веста дека барем две вакцини за корона вирус наскоро би можеле да бидат одобрени за употреба од страна на американските и европските регулатори беше дочекана со олеснување бидејќи е јасно дека пандемијата тешко ќе биде запрена без вакцинирање на голем дел од популацијата. Компаниите АstraZeneca со својата векторска вакцина и Pfizer и германски BioNTech со т.н. биотехничка вакцина, очекуваат да добијат одобрување од регулаторите во наредните неколку недели, по што ќе биде отворен патот за контрола на пандемијата.

Но, експертите предупредуваат дека, дури и кога вакцината ќе „заживее не треба да се надеваме дека сите што сакаат ќе бидат вакцинирани за кусо време. Од една страна, производството нема да може да ги задоволи сите потреби веднаш, па поради тоа секоја држава ќе мора да прави приоритети за вакцинирање на најизложените или најризичните категории население. Според процените на стручните лица, целосно вакцинирање на жителите на Земјата може да се случи во 2024 година. За некои од вакцините проблем ќе биде и транспортот и нивното складирање, со оглед дека бараат тоа да се прави на исклучително ниски температури од минус 70 Целзиусови степени, што ќе биде голем предизвик за некои земји, особено оние помалку развиените.

Македонија ќе ја добие вакцината против корона вирусот на почетокот на следната година, најави министерот за здравство, Венко Филипче. Tој вели дека согласно сегашната динамика, треба да пристигнат во јануари или февруари. Македонија ќе ги добие вакцините на компаниите „Астра Зенека и Фајзер преку Ковакс механизмот.

КОВАКС механизмот знaчи дека секој еден производител, а овие две компании се дел од тој механизам – како ќе ја добијат дозволата за употреба таму ги даваат дозите и тие еднакво се распределуваат на сите земји кои што учествуваат во тој механизам. Секоја следна компанија која што влегува во тој механизам ги дава на располагање своите дози на вакцини. Ние го потпишавме договорот, Владата даде согласност обезбеден е буџет така што ги очекуваме вакцините преку овој механизам“, изјави вчера министерот Филипче.

Тој претходно рече дека Македонија аплицирала за вакцини против КОВИД-19 за 20 отсто од населението. Доколку како основа се земат официјалните податоци за население од 2 милиона жители, тогаш произлегува дека ќе бидат вакцинирани околу 400 илјади лица. Со оглед дека за повеќето вакцини се предвидени по две дози, Македонија за почеток очекува најмалку 800 илјади вакцини.

Ние аплициравме преку Ковакс механизмот, како и сите други земји во регионот за вакцини за 20 посто од населението. Тоа се 800.000 дози, заради тоа што ќе треба по две дози, една и после неколку недели уште еднаш согласно сегашните сознанија за развој на антителата. Имаме понуда и од уште две европски земји кои потпишаа и билатерален договор со компанијата, само земји членки на ЕУ. Полска ни пристапи и ни понуди да одредена количина ни препродадат од нивната. И премиерот Мицотакис на премиерот Заев исто така му укажал дека ќе може да сметаме и на одредена количина и од Грција. Очекувањата се дека ќе биде во првите неколку месеци од следната 2021 година“, потенцираше неодамна Филипче.

Вакцината нема да биде задолжителна бидејќи не е влезена во календар, но ќе има силна препорака, додаде министерот.

Ковакс механизмот е систем на СЗО и на Глобалната алијанса за вакцинација кој што овозможува како што ќе доаѓаат вакцините од различни производители еднакво да бидат дистрибуирани кон сите земји коишто аплицирале на тој механизам.

Владата уште минатиот месец, на 13 октомври, му наложи на министерот Филипче да потпише договор за набавка на вакцини за КОВИД -19 со Глобалниот сојуз за вакцини, а министерството за финансии и Генералниот секретаријат да ги обезбедат парите и да уплатат аванс. За таа цел , како што известија некои медиуми, биле наменети 8,8 милиони американски долари.

Земјите од Европската унија минатото лето резервираа околу 1,5 милијарди дози од шест потенцијални производители, а изборот се покажа како успешен. Двете компании кои во моментов се во фокусот, се очекува да обезбедат околу 700 милиони дози за земјите на ЕУ, што значи дека ќе бидат вакцинирани околу 350 милиони жители.

Од земјите во регионот, Хрватска на пример има резервирано 2,7 милиони дози од вакцината Оксфорд, односно на АстраЗенека, што е доволно за 1,35 милиони луѓе, но сите тие вакцини сигурно нема да дојдат во краток временски период следната година. Како што пишува Јутарњи лист, резервирани биле и 900 000 дози на Џонсон и Џонсон и еден милион дози на Фајзер и БиоНТех. Процените велат дека Хрватска би можела да потроши околу 300 до 400 милиони куни за таа намена.

Сè зависи од тоа колкава ќе биде цената на вакцината. На пример, AstraZeneca соопшти дека тие нема да имаат пазарна цена сè додека трае пандемијата, па две дози може да чинат 10 евра. Pfizer зборуваше за цена од околу 19 долари за доза, а американската компанија Modernа за дури 50 до 60 долари“, пишува весникот.

Инаку, Европската комисија обезбеди 2,7 милијарди евра за оваа намена од инструментот за итна поддршка.

Во моментов во светот има 11 вакцини кои се во третата, завршна фаза на клинички испитувања. Иако нивната крајна цел е да се поттикне имунитет против корона вирусот, пристапот во подготовкатаа на овие вакцини е многу различен.

Вакцината која ја развија фармацевтскиот гигант Pfizer и германската биотехнолошка компанија BioNTech, се заснова на „уредување“ на рибонуклеинската киселина (gRNA). Притоа, gRNA кодира S протеин на корона вирусот, а со цел тој да влезе во клетките, се вметнува во липидни честички со кои се вакцинира пациентот.

Вакцинацијата со gRNA е релативно нов пристап и досега не е одобрена ниту една таква вакцина. Сличен пристап развива и американската компанија за биотехнологија Модерна, чија вакцина mRNA-1273 е во третата фаза на клинички испитувања. Двете вакцини предизвикуваат силен имунолошки одговор и немаат никакви сериозни несакани ефекти.

Фајзер соопшти дека нивната вакцина во рамките на клиничкото испитување имала ефикасност од 90 отсто во спречувањето на КОВИД-19.

Како што велаат стручњаците, тоа е извонреден показател, имајќи во предвид дека во последните 10 години стапките на ефикасност на вакцините против грип се движат помеѓу 19 отсто и 60 отсто. Сепак, научниците сакаат да ги видат целосните податоци со цел да ги потврдат наодите. Во меѓувреме, многумина се радуваат на можноста за подобра алатка за борба против КОВИД-19. Овие вакцини имаат и еден недостаток – тоа што мора да се чуваат на извонредно ниски температури, од минус 20 до минус 70 степени Целзиусови.

Затоа, во ЕУ големи надежи се полагаат на вакцината што ја развиваат универзитетот Оксфорд и компанијата АстраЗенека која се заснова на вирусен вектор.

Тоа е безопасен аденовирус на шимпанза (ad5) кој го носи генетскиот код за S протеинот. Кога овој безопасен вирус ги инфицира нашите клетки, тие произведуваат вирусен S протеин кој предизвикува имунолошки одговор кај човековиот организам. Така се создаваат антитела на САРС-CoV-2 кои се активираат кога некој ќе се зарази со вирусот. Според некои информации, AstraZeneca веќе произведе милијарда дози од оваа вакцина.

За некои од вакцините проблем ќе биде транспортот и складирањето со оглед дека се неопходни исклучително ниски температури од минус 70 Целзиусови степени, што ќе биде голем предизвик за некои земји, особено оние помалку развиените

Некои експерти се возбудени за потенцијалот на вакцината Pfizer и веруваат дека тоа е добро за другите вакцини во категоријата, како што е mRNA вакцината што ја развива Moderna. „Вакцините на различните кандидати имаа слични профили на имуногеност кај луѓето и беа ефикасни во пред-клиничките модели, така што нема посебна причина да не очекуваме дека многу други вакцини ќе се покажат добри кај луѓето“, вели на Твитер, Шејн Кротти, истражувач за вакцини во Институтот Ла Јола во Калифорнија.

Спротивно на тоа, некои научници го ублажуваат ентузијазмот велејќи дека иако вестите се охрабрувачки, тие се многу прелиминарни.

Ние знаеме само за податоците во седум дена по втората доза (на вакцината)“, а она што не го знаеме е многукратно, вели Грегори Поланд, директор на Групата за истражување вакцини во Клиниката Мајо. Тој вели дека не е јасно колку е издржлива заштитата на вакцината, кого најдобро штити, или дали штити од тешка болест, или само од лесна или умерена болест. Други прашања што ги има се дали оваа вакцина ќе работи во средина каде што никој не носи маски или дали ќе биде ефикасна бидејќи вирусот мутира.

Поланд очекува дека ефикасноста од 90 отсто на вакцината на Фајзер ќе се намали кога ќе почне да се применува, бидејќи популацијата од студијата ретко ја рефлектира популацијата во реалниот свет. Развојот на вакцините вообичаено трае со години. „Развојот на вакцината против овчи сипаници траеше 20 години“, вели Поланд. Тоа време е она што им овозможува на научниците да одговорат на некои од прашањата што ги поставува.

Британски Дејли меил го пренесува искуството на дел од луѓето кои ја примаа експерименталната вакцина на Pfizer. Тие велат дека имале главоболки, треска и болки во мускулите по примање на вакцината, што ги потсетувало на проблемите по вакцината против грип.

Волонтерите кои биле подложени на тест вакцина велат дека симптомите биле релативно тешки. Еден од нив, 45-годишник, вели дека несаканите ефекти биле уште потешки по втората доза, опишувајќи ја таквата состојба како „страшно мамурен“, но дека симптомите брзо исчезнале.

Повеќе од 43.500 луѓе во шест земји учествуваа во експерименталната вакцинација во третата фаза на тестирање на вакцината на фармацевтскиот гигант, пишува весникот.

Една од дилемите е кој ќе има предност при вакцинирањето биддејќи е јасно дека во почеток нема да има доволно вакцини за целата популација. Според експертите правилата би биле слични како при вакцинирањето против грип. Ова значи дека прво треба да се вакцинираат постарите лица, здравствените работници, и други ризични групи население, како што се луѓето кои имаат хронични заболувања или имунолошки компромитирани, или како што велат лекарите – имаат коморбидитети. (Н.В.)