Сите партии во Бугарија трпат штета од проектот на Румен Радев


 

Проектот на поранешниот бугарски претседател Румен Радев има значително водство – 32,6% од гласачите, додека ГЕРБ има само 19,7%. Ова го покажува анкетата на „Алфа рисрч“ спроведена во периодот од 23 февруари до 2 март 2026 година меѓу 1.000 граѓани од целата земја преку директно стандардизирано интервју со таблети во домовите на испитаниците.

На третата позиција е „Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ) со 12,6%.

Другите две партии кои ја прескокнаа бариерата од 4% за влез во парламентот се ДПС – Нов почеток (9,6%) и Преродба (6,4%).

Две партии са под прагот, но блиску до него – БСП (3.6%) и МЕЧ (3.5%).

Граѓанската енергија од декемвриските протести, а по нив и барањето за нов играч на политичката сцена, доведе до зголемување на подготвеноста за гласање – околу 500.000 гласови повеќе отколку на претходните избори. Во моментов, 3 милиони луѓе цврсто имаат намера да гласаат.

Проектот на Радев, кој неодамна го доби името Прогресивна Бугарија е поддржан главно од оние кои не гласале на последните избори, поранешни поддржувачи на БСП и Преродба. Иако со помала тежина, во него се вклучени и поранешни симпатизери на ИТН, МЕЧ, периферијата на ГЕРБ, ПП-ДБ, ДПС-Нов почеток и многу мали партии.

Практично нема партија која не би претрпела изборна штета од појавата на проектот на Румен Радев. Разновидноста во профилот на неговите гласачи го оптоварува со разновидни очекувања, што е плус за неговата кампања, но и потенцијален проблем за неговата политичка одржливост, истакнува „Алфа рисрч“.