Силјановска ја засили љубовта кон Албанците


Како што се приближува неделното гласање во првиот круг од претседателските избори, така сè поочигледно претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, ја засилува реториката со која се обидува да се приближи до албанскиот електорат и на тој начин да го направи (не)возможното – да го санира јазот кон овој етникум што го создаде партијата што ја номинираше. Од друга страна, настапите во неколкуте ТВ-дуели на кандидатот зад кој застанаа Алијансата за Албанците и Беса, Блерим Река, во кои покажа поголема присност кон Силјановска и почесто влегување во вербален конфликт со Стево Пендаровски, отвори дилема во јавноста – дали тој на некој начин претставува „тројански коњ“ во изборната трка што треба да го намали бројот на албански гласови на контото на кандидатот на владејачката коалиција. И во вториот круг партиите што го поддржаа да го „извадат кецот од ракавот“ и да ги насочат своите поддржувачи кон редниот број два – единствената жена во претседателската трка.

Таквите сомнежи не се без подлога, велат политичките набљудувачи, ако се има предвид надреалната претстава од крајот на минатата година кога во Советот на Општина Дебар Алијансата за Албанците, чиј лидер Зијадин Села за малку смртно ќе страдаше во Собранието од „долгата рака на ВМРО“, склучи советнички пакт токму со ВМРО-ДПМНЕ и Беса и избра в.д. градоначалник од своите редови (Еуген Цами) по смртта на Ружди Љата од ДУИ. Подоцна со ново мнозинство на негово место дојде „интегративецот“ Хекуран Дука.

„Нема шанси да им сугерираме на нашите поддржувачи да гласаат за Силјановска. За таква тема воопшто не е разговарано. Поддршката за кандидатот зад кој застанавме, Блерим Река, постојано се зголемува и се надеваме на втор круг“, тврди во изјава за „Независен весник“ генералниот секретар на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари.

Неговата изјава дадена во емисијата „Во центар“, во која тој вели дека идеолошки се поблиски до ВМРО-ДПМНЕ, медиумите ја ставија во корелација токму со можната поддршка на Силјановска.

„Таа изјава ја имам дадено пред две години. Очигледно станува збор за оркестриран напад, но не знаеме дали е сервиран од кујната на ВМРО-ДПМНЕ или од СДСМ бидејќи реално и со двете страни не сме блиски. Алијансата за Албанците е десна партија и само од тој аспект тогаш го кажав тоа. Инаку, ДУИ е таа која е блиска со ВМРО-ДПМНЕ. Нивната идеологија се вика криминал. Ниту оваа владејачка коалиција не е многу поразлична, затоа што ДУИ ги дава сите карактеристики на новата владата да личи на режимска“, вели градоначалникот на Гостивар.

Завчера непосредно пред ТВ-дуелот на телевизијата Алсат во кој доминираа етничките прашања, Силјановска се пофали на социјалните мрежи дека снимила видео со Река за фејсбук-заедницата „Другата страна на политиката“ во кое го нема Пендаровски.

„Јас и мојот противкандидат Блерим во интервју за ‘Другата страна на политиката’. Нивната идеја беше да го пронајдат човекот во нас, претседателските кандидати, а не политичарот. Стево не прифатил, се прашувам зошто“, напиша таа. Пендаровски тврди дека не добил никаква покана, но, како што вели, разбира ако Силјановска сакала да сними спот со Река. Организаторот „Другата страна на политиката“, пак, објави демант дека третиот учесник на претседателските избори не бил повикан и ги прикажа поканите. Во интервјуто двајцата кандидати одговараат на прашања за личните интереси и афинитети. Помеѓу месо и салата и двајцата избираат салата, Силјановска го избира Ганди, додека Река го избира Черчил, и двајцата се повеќе за книга отколку за филм.

Река, сепак, демантираше дека снименото видео со Силјановска е некаква нарачка ниту, пак, дека има некаква врска со шпекулациите во одредени медиуми за некаква „игра“ или коалиција меѓу партиите на кандидатите.

„Сакам да ги демантирам тие пишувања по медиумите. Јас бев со професорката Силјановска во емисија. Требаше и професорот Пендаровски да биде, но не знам од кои причини тој не дојде. Во секој случај тоа беше извадено од контекст и апсолутно демантирам дека било нарачано од партиите кои ме поддржуваат или лично од мене“, изјави Река.

Без оглед на политичките математики и комбинаторики кои никогаш не може да се исклучат во политиката, Силјановска сега, пред првиот круг, тврди дека и растела поддршката кај Албанците бидејќи, како што вели, на избори одат поединци, а тоа биле и нејзините бивши и сегашни студенти.

Професорката по уставно право, која веднаш по Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ на која беше номинирана за претседателски кандидат рече дека не е националист, туку дека е за владеење на правото и дека од десет години има албанско побратимство, во самата завршница од кампањата се труди да ја покрие негативната слика што самата ja остави кај албанскиот електорат со низа свои размислувања поврзани со етничките прашања вклучувајќи го и противењето за Законот за употребата на јазиците, кој за неа не бил уставен, ама ќе го почитувала.

„Правичната и соодветна застапеност сум се погрижила да ја применам прво на мојата катедра“, рече меѓу другото Силјановска зборувајќи за асистентот Албанец, Денис Прешова.

Правичната застапеност, како што рече, не смее да се однесува само на етничкиот критериум туку треба да се вклучат и лицата со попреченост, а притоа да се има предвид и родовата застапеност.

„Држете ме за ‘бесата’ во мојот кабинет ќе има најпрво место за жени Албанки и Македонки , но секако стручни и компетентни“, нагласи Силјановска во ТВ-дуелот на Алсат.

Пендаровски ѝ одговори дека овие нејзини изјави се чиста политичка реторика и забележа дека не може да повикува на правична застапеност, а притоа Албанците да не ги повикува да гласаат за неа.

На новинарско прашање на што ги темели очекувањата дека албанските гласачи ќе и дадат поддршка, ако се има предвид дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, практично ги апстрахира како да не постојат, таа неумешно се обиде да увери дека тој не ги споменал само на некој митинг. Притоа заборави дека минатиот месец по средбата со коалициските партнери Мицкоски пред седиштето на партијата даде шокантна изјава во која побара поддршка од сите граѓани, освен од граѓаните Албанци. Очекувано, потоа следуваше канонада од критики на социјалните мрежи од граѓаните Албанци чија заедничка порака беше „за националистичка партија никогаш нема да гласам“.

Наум Котевски