Силен земјотрес од 5,9 степени во јужен Иран, на 100 км од нуклеарката
Земјотрес со јачина од 5,9 степени според Рихтер во неделата ја погоди јужната иранска покраина Бушер, каде се наоѓа нуклеарната електрана, при што две лица се повредени, а засега нема податоци за штети, јави државната телевизија.
Владин функционер рече дека нема извештаи за штета на нуклеарната централа, а земјотресот бил на 100 км од неа.
„Потресот утрово го погоди подрачјето на Бандар Гонавех. Уште нема податоци за штети“, јави државната телевизија и додава дека екипи за помош се пратени на тоа подрачје.
Болниците пријавија дека примиле две повредени лица.
Епицентарот на потресот бил во градот Риг и потресот бил на длабочина од 10 км, а следеле неколку потресувања.
Снабдувањето со струја и телефонските врски во тој дел се во прекин и луѓето излегле на улица во страв од нови потреси.
Иран го пресекуваат главни линии на раседи. Во земјотресот од 6,6 степени во покраината Керман во 2003 година загинаа 31.000 луѓе и срушен беше древниот град Бам.