Шведската премиерка го призна поразот и најави оставка. Десницата ја превзема власта


 

Социјалдемократската премиерка на Шведска, Магдалена Андерсон го призна поразот на изборите, предавајќи го раководството на земјата на десничарскиот блок составен од четири партии. Сите гласови сè уште не се преброени, но Андерсон, која минатата година стана првата жена премиер на Шведска, рече дека резултатите покажале дека десничарскиот блок победил.

„Затоа утре ќе побарам од претседателот на парламентот да ја напуштам мојата функција“, рече премиерката на прес-конференцијата.

Умерените, шведските демократи, демохристијаните и либералите треба да имаат 176 пратеници во 349-члениот парламент по изборите во недела. Левиот блок освои 173 места, покажуваат сегашните резултати.

Изборите претставуваат пресвртница во шведската политика, бидејќи антиимигрантските Шведски демократи, игнорирани од сите други партии откако влегоа во парламентот во 2010 година, треба да станат дел од владата за прв пат. Тие се на пат да освојат 20,6 отсто од гласовите и со тоа да ги надминат умерените, кои имаат 19,1 отсто и станаа најголемата партија од десницата.

Иако партијата на Улф Кристерсон е послаба во однос на резултатите, лидерот на шведските демократи, Џими Акесон, нема способност да собере широка поддршка потребна за соборување на социјалдемократите.

Новата шведска влада сега треба да одговори на безбедносните грижи што ги покрена Турција во замена за укинување на ветото за членството на Шведска и Финска во НАТО, изјави турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.

Двете земји поднесоа барање да се приклучат на безбедносната алијанса како одговор на руската инвазија на Украина, но се соочија со противење од Турција, која ги обвинува за воведување ембарго за оружје на Анкара и за поддршка на групи што ги смета за терористички.

Турција го укина своето вето за време на самитот на НАТО во јуни во замена за, како што рече, конкретни придобивки по ова прашање. Сепак, Анкара вели дека оттогаш нордиските земји не ги направиле посакуваните чекори.

Турскиот министер Чавушоглу на брифинг со новинарите рече дека Турција не очекува Шведска да преземе акција пред изборите во минатата недела, но сега останува на следната влада во Стокхолм да дејствува по ова прашање.

„Тие знаат дека овој договор нема да биде одобрен од турскиот парламент доколку не преземат чекори“, рече Чавушоглу.