Швајцарскиот државен обвинител отвори истрага против Кредит Свис


 

Канцеларијата на швајцарскиот јавен обвинител соопшти дека отворила истрага за настаните околу Кредит Свис, која беше преземена од ривалската банка УБС, велејќи дека „сака да ја исполни својата задача“ и да покаже одговорност во придонесот за транспарентен швајцарски финансиски сектор, пренесе АП.

Канцеларијата соопшти и дека истрагата „не е формална“ и дека не е кривична истрага.

Обвинителите рекоа дека сакаат да добијат увид во настаните поврзани со Кредит Свис и да обезбедат и да ги оценат достапните информации за да ги анализираат и идентификуваат сите можни неправилности и дека сè уште не е идентификувано конкретен можен прекршок.

Канцеларијата, исто така, одговори на барањето за коментар откако Фајненшл тајмс објави за истрагата во текот на викендот, а УБС не беше спомената во изјавата.

Се потсетува дека швајцарската влада и финансиските регулатори помогнаа да се направи набрзина договорена зделка за преземање на банката Кредит Свис, вредна 3,25 милијарди долари, што делумно имаше за цел да ја смири загриженоста за глобалниот финансиски систем, потсетува АП.

Пред да се договори преземањето на 19 март, Кредит Свис губеше депозити и доверителите побрзаа да бараат исплата. Треба да се напомене и дека банката со години се соочува со проблеми како што се загубите во инвестициите во хеџ фондовите.

Тука е и непријавувањето на тајните офшор сметки, кои ги користеле богатите Американци за да избегнат плаќање даноци.