Шукова на панел за енергетска транзиција: Зелената трансформација е голем економски потфат

Зелена енергетска транзиција и поздрава животна средина за европска иднина е темата на денешната панел- дискусија која се одржува во Скопје. Министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, на панелот истакна дека Владата ги следи препораките на европскиот зелен договор кој нуди ефикасна употреба на ресурсите со цел премин кон чиста циркуларна економија, меѓутоа во исто време и намалување на загадувањето.
-Зелената трансформација како таква претставува еден голем економски потфат, затоа една од главните цели на овој договор е да се обезбеди безбедна трансформација на посиромашните земји од високозагадувачки во екоодржливи. Со цел намалување на емисиите доволно брзо и ефикасно владите не само што треба да го зголемат финансирањето на зелените иновации, туку потребно е да усвојат многу други политики кои ќе се однесуваат на секој друг неуспех на пазарот, порача министерката.
На настанот исто така присуствуваат и државниот советник за енергетика во Министерството за економија Исмаил Лума, д-р Александар Дединец, експерт од МАНУ во областа на енергетиката и животната средина и Елена Николовска, раководител на програма за клима во Еко свест и еко-активист.
Панел-дискусијата има за цел да информира за потребата од засилена енергетска транзиција и изградба на цврст и одржлив систем на енергија од обновливи извори – сонце, вода и ветер и да се анализираат и дебатираат придобивките за граѓаните од ЕУ интеграцијата на земјата во однос на животната средина и ефектите врз енергетската транзиција во државава. Настанот се организира во рамки на кампањата на Владата „Европска иднина, поблиску од кога било“ насочена кон придобивките од евроинтеграцискиот процес и членството во Европската Унија за граѓаните на Северна Македонија.