Што значи „ПУМПАЈ“ и како тој збор стана мото на студентските протести во Србија

Од вирална шега зборот „пумпај“ се претвори во ентитет сам по себе и од виралниот премина во реалниот свет. Тој значи дека нема запирање во ниеден момент


Зборот „пумпај“ е на устите на сите студенти што протестираат во Србија

 

Кога сношти студентите од различни колони од Србија пристигнуваа во Белград, низ улиците на српскиот главен град исполнети со десетици илјади луѓе ечеше еден збор – ПУПМАЈ. Што значи „пумпај“ и како тој збор стана лајтмотив на студентските протести против корупцијата во Србија.

На почетокот на четиримесечните протести тој можеби звучеше како тривијалност или не толку смешна интернет шега, но брзо прерасна во препознатлив знак на отпор на студентите и граѓаните што ги поддржуваат.

Со секое скандирање, секогаш кога ќе се појави на транспарент, „пумпај“ ги преминуваше границите на баналноста и стануваше повеќе од фраза, за на крајот да стане ентитет сам по себе.

Српскиот „Неделник“ пишува дека така „пумпај“ го најде својот пат до сржта на протестот, не само како слоган, туку како симбол на актуелната борба, на став и несогласување, на бунт. На улиците, на социјалните мрежи, меѓу студентите, пензионерите, актери, просветните работници и пошироко, овој израз, спонтан, но однапред осмислен, создаде атмосфера која е и сериозна и забавна.

Како овој слоган стана незаменлив дел од општествено-политичкиот бунт во Србија?

Како што обично се случува со виралните феномени, приказната за „пумпање“ на протестите не започна од таму каде што се очекува во вакви ситуации. На социјалните мрежи во Србија имаше дебата за тоа од каде студентите го прифатија овој израз.

„Неделник“ пишува дека според пребарувањата на интернет и социјалните мрежи, „пумпај“ потекнува од 2022 година, од традиционална српска свадба.

На видеото се гледа турбо-фолк пејачот Дарко Лазиќ, кому челото му е облепено со девизи, придружуван од хармоникашот Милан Јовановиќ – Јабучанац, како извикува „пумпај!“ во момент на вжештена атмосфера. Оваа снимка, се чини, стана првичната искра што ја создаде основата за она што подоцна ќе стане симбол на уличниот отпор.

Набргу потоа, клипот стана вирален, прво на страниците за музика и комедија на ТикТок и Инстаграм, а потоа и кај пошироката публика која го виде како врвен симбол на енергија и ритам. „Пумпај“ значеше да не се запре – да се продолжи со исто темпо, без пауза, без откажување.

Не долго потоа, се случува неочекуван трансфер – терминот преминува од свадбите и социјалните мрежи до протестите, каде што добива ново значење.

Тоа веќе не е само синоним за забава, туку и за истрајност во борбата за промени. Кога студентите излегоа на улица, „пумпај“ стана она што ги спои, нешто што ги потсети дека не смеат да престанат.

Нема сомнение дека огромен дел од „пумпањето“ на протестите дојде од Редит. Оваа платформа одамна е позната по својот специфичен хумор, интерни шеги и способност да претвори нешто банално во вирално движење.

Од почетокот на протестите, „пумпај“ се појавува речиси под секоја објава на Редит во врска со студентскиот бунт.

Луѓето коментираат само со еден збор – пумпај. Некогаш без дополнително објаснување, некогаш со снимки, слики или мемиња, „пумпањето“ станува дигитална верзија на слоган што ја крева атмосферата и го одржува моментумот.

Интересно е што претходните генерации студенти протестираа со класични пароли и политички пораки, додека денешните протести во Србија преземаат елементи на интернет културата. Иронијата, мемињата и виралните моменти се дел од борбата, а „пумпај“ е идеален пример за тоа како нешто навидум несериозно може да стане моќен симбол на отпор.

Како „пумпај“ премина од дигиталниот во реалниот свет?

Еден од клучните моменти беше кога на 1 февруари на блокадата на три моста во Нови Сад се појавија транспаренти со натпис „пумпај“.

Меѓутоа, она што дополнително го запечати овој израз како дел од бунтот беше моментот кога студент се качи на автобуска станица и почна да извикува „пумпај“ на сиот глас. Тој момент стана инстант хит и дополнително го зацврсти изразот во протестната култура.

Во Белград се појавија и транспаренти со слоганот „пумпај“, а извикувањето на оваа парола стана дел од енергијата на демонстрациите. Наместо класични политички пораки, студентите со хумор и едноставни изрази испраќаат порака – не застануваме, продолжуваме уште посилно, погласно и како што велат „нѐ има сѐ повеќе“.

Една од највпечатливите карактеристики на овие протести е начинот на кој се искористени елементите на интернет културата.

На пример, видеото во кое го комбинираа „пумпањето“ на Дарко Лазиќ со реакциите на политичарите – пред сѐ на претседателката на парламентот Ана Брнабиќ – и со тоа создадоа апсурдна, но ефикасна критика на политичката ситуација во земјата. Ова стана тренд: преземање вирални моменти, нивно препакување во нов контекст и нивно користење како алатка за изразување на незадоволството.

Исто така, откако минатиот викенд падна тркало од автомобилот во кој се наоѓаше претседателот, почнаа различните врски со трендот на пумпање, од кои се појавија одлични мемиња и транспаренти, најчесто алудирајќи на сцени од култниот филм „Жикина династија“.

„Пумпај“ си најде место во разни излози, билборди, ѕидови…

На прв поглед „пумпај“ изгледа како шега, нешто што ќе помине толку брзо како што изгледаше. Но, сигурно дека тоа е повеќе од обичен интернет тренд.

„Пумпај“ стана симбол на генерација која одбива да се буни како што тоа го правеа нивните родители. Наместо сериозни говори и големи идеолошки слогани, тие користат мемиња, иронија и вирални слогани за да ја пренесат својата порака.

Можеби затоа функционира „пумпај“ – затоа што е различно. Затоа што комбинира бунт и хумор, отпор и забава.

Како на свадбена веселба, не смее да се прекине ритамот на протестот, велат студентите и граѓаните. Ако забави, ако престане, енергијата исчезнува.

Затоа „пумпај“ е движење и идеја да се продолжи без застанување, да не се дозволи замор, да не се прифати поразот. (Н.В.)