Што се случи со Румен Радев?

Веќе по првите три дена на преодната влада именувана од Радев стана очигледно дека таа не само што е реваншистичка, туку е и длабоко реакционерна и се обидува да ја врати состојбата пред 2021 година.


Румен Радев посебно ја нагласува резолуцијата на германскиот Бундестаг

Румен Радев е пример, иако необичен, за преминот од една во друга состојба што се нарекува метаморфоза. Тоа е ненадејна транзиција на живите системи од една во друга состојба, која  се организира околу елемент од стариот систем, по кој се формира новиот. Метаморфозата на гасеница во пеперутка е класичен пример. 

Метаморфозата на Радев е невообичаена бидејќи е наопаку. Имаше периоди кога Радев „леташе“, светол и видлив од далеку, над националниот порив и кога стави крај на кошмарите од 1990-тите, олицетворени во режимот на Бојко Борисов. Во 2020 година, Бугарите побараа нивната земја да претрпи метаморфоза, по што од правлива и корумпирана ориентална провинција ќе се претвори во уредна европска земја. Радев во тој момент ја исполни својата уставна обврска да го олицетвори единството на нацијата.

Потоа, додека леташе напред и горе, уживаше во поддршката на БСП, на центристите кои станаа „Промените продолжуваат“, како и на историските носители на европската модерност, како партиите што ја сочинуваат „Демократска Бугарија“. Обединувач на левицата, на центарот и на десницата, ликот на европска Бугарија – што повеќе му требаше на шефот на државата? Аналитичарите зборуваа за „ерата на Радев“. Уште еден мал чекор и тој можеше да долета до статус на водечки европски политичар.Се покажа, сепак, дека сето тоа е малку претерано за Радев. Се покажа дека е тешко да се лета. Сите те гледаат, ти се восхитуваат, ти аплаудираат. И сакаат да летате повисоко и повисоко.

Радев е веќе сам

Речиси две години подоцна, обратната метаморфоза на Радев е завршена. Од универзален миленик, денес е испокаран со сите. Тој е во остра конфронтација со БСП, која двапати ја поддржа неговата кандидатура за претседател. „Промените продолжуваат“ (ПП) и „Демократска Бугарија“ (ДБ) го гледаат како странски агент кој им служи на непријателски интереси за земјата, закотвени во Кремљ. Радев ја има најлошата кавга со оние будни граѓани кои го поддржаа во борбата против режимот на Борисов и гласаа за него, обезбедувајќи му втор мандат. Токму тие протестираа против неговата нова преодна влада на третиот ден од нејзиното постоење.

Откако беше поддржан од секој политички фактор – лев, во центар или десен, денес Радев е сам. Негови единствени можни соговорници се ГЕРБ и ДПС – токму силите кои се носители  на мафијашкиот модел на управување до 2020 година и на руските интереси во Бугарија и регионот. Не случајно само ГЕРБ и ДПС се задоволни од неговата преодна влада, бидејќи тие, поттикнати од обратната метаморфоза на самиот Радев, денес се надеваат преку неговата влада да постигнат обратна метаморфоза и на Бугарија. Се поставуваат очигледни прашања: Што се случи со Румен Радев? Дали она што се случи има јасна, лесно опислива цел? И конечно – зошто?

Одговорот на првото прашање е лесен, бидејќи се потпира на целата илјадагодишна литература на тема „метаморфоза“. И покрај тоа што Радев беше омилен кај сите, имаше еден вознемирувачки елемент во неговата личност: односот кон Русија, многу сличен на односот на рускиот кмет кон својот господар. Долго време, овој елемент изгледаше како некаква слабост на карактерот, неповрзана со целокупната личност. Некако како болен заб што постојано го проверувате со јазикот за да бидете сигурни дека сè уште ве боли. Она што му се случи на Радев е дека токму во однос на овој елемент на неговата личност се случи неговата обратна метаморфоза. Ставот кон Русија се покажа како потпорен столб по кој се структурира неговата сегашна личност.

Дали оваа метаморфоза има некаква политичка цел?

Има, се разбира, и таа цел е јасна од радикалните изјави од страна на преставници на неговата преодна влада, започнати од првиот ден. Оценките за „хаос и пропаст“ во енергетскиот сектор беше очигледна најава за враќање на кметските односи со „Гаспром“, што деновиве го потврдија цела плејада споредни фигури во администрацијата. Владата очигледно ќе ја саботира работата на интерконекторот со Грција, што стана јасно по појавувањето во медиумите на соодветната министерска наредба (за која власта писмено лажеше дека не постои). По лавина отпуштања, врвот на државната власт е окупиран од личности кои се тесно поврзани со режимот на Борисов, како и (во енергетската сфера) од отворени поддржувачи на интересите на „Гаспром“.

Веќе во првите три дена од преодната влада стана очигледно дека таа, не само што е реваншистичка, туку е и длабоко реакционерна и се обидува да ја врати состојбата пред 2021 година. Злонамерната реторика што ја користи против администрацијата на ПП открива и една подлабока цел: да се дискредитира самата идеја дека кај нас може да постои проевропска, модерна, реформска администрација. Да стане така што никогаш нема да се построиме како  рамноправни со останатите европски народи, како што бараше од нас расчинетиот  свештеник по име Васил Кунчев.Само прашањето „Зошто?“ останува да виси со страшна сила.

Тука на помош доаѓаат класичните Грци, како и шпанскиот надреалистички уметник Салвадор Дали. Станува збор за митот за Нарцис и неговото толкување од Дали во сликата „Метаморфозата на Нарцис“. Митот оди вака: Младиот човек Нарцис бил толку убав што му се додворувале и девојките и младите мажи.Сепак, тој ги одбил сите. Нимфата Ехо толку многу страдала од ова одбивање што буквално се стопила од тага. Само гласот и останал жив. Тогаш божицата Немезис, многу лута поради оваа случка, решила да му се одмазди на Нарцис – го натерала да погледне во езеро. Гледајќи го сопствениот одраз, Нарцис толку се заљубил во себе што, како нимфата Ехо, се стопил од тага. Ова е она што го гледаме во познатата слика на Дали: исчезнување поради нарцизам.

Ова мислам дека му се случи на Румен Радев. Додека беше универзален миленик, се гледаше себеси во огледалото на оние кои му се радуваа. Очигледно решил дека оттука па натаму тие се обврзани да бидат среќни со него, што и да прави. И направи метаморфоза, но – наопаку. Никој повеќе не замислува дека овој човек може да лета. Се очекува да ползи. Но, ако во приказната за Нарцис е кодиран некој алгоритам за неизбежна судбина, Радев го чека нешто подраматично. Да се с​​топи. Да исчезне.Според митот, на местото на стопеното тело на Нарцис се појавил дотогаш невиден цвет, нарцис, кој е со нас до денес. Интересно е што ќе се појави на местото на Радев кога и тој ќе се стопи и исчезне. Цвет – тешко. Можеби политичката наука ќе се збогати, во некоја друга година, со нов термин: „синдромот на Радев“. (Дојче Веле)