Во посета на Тирана шефовите на дипломатиите на Словачка, Австрија и Чешка
Tирана– Во посета на Тирана , денеска престојуваа шефовите на дипломатиите на Австрија, Чешка и Словачка, кои по средбата со нивниот домаќин, Ферит Хоџа, имаа заедничка прес-конференција.
Министерот за надворешни и европски работи на Словачката Република, Јурај Бланар, изјави дека Словачка е подготвена да ѝ помогне на Албанија во затворањето на групните поглавја.
-Итната потреба од проширување е уште понеопходна. Тоа е клучен елемент за безбедноста на континентот и од суштинско значење за геополитичките традиции. Стратешката важност на регионот е дополнително нагласена. Посетата на „S3“ на Тирана ја сметаме за навремена. Албанија постигна напредок и ги исполни критериумите за интеграција, може да стане шампион во регионот, во оваа област. Важно е целиот регион да има што е можно повеќе позитивни примери. Бараме принципот на заслуги да биде клучен, рече словачкиот министер, објавија медиумите.
Сојузната министерка за европски и меѓународни работи на Република Австрија, Беате Мајнл-Рајзингер, изјави дека “Европа за Албанците мора да биде реалност што ја чувствуваат денеска, а не само ветување за утре”.
-Силно ја поддржуваме постепената интеграција на Западен Балкан, чекор по чекор, опиплив напредок за луѓето и бизнисите. Продолжете со реформите, порача таа.
Истата поддршка ја потврди и министерот за надворешни работи на Чешката Република, Петр Мацинка.
-Мислам дека тројцата дојдовме тука за да ја изразиме нашата силна поддршка. Албанија постигнува брз и вистински напредок. Отворањето на групните поглавја за 30 месеци е одлично, импресивно! Тоа значи дека сте сериозно посветени, овој напредок е силна основа за следната фаза, рече тој.
Министерот за Европа и надворешни работи на Албанија, Ферит Хоџа, изјави дека членството во ЕУ останува стратешки приоритет на Албанија и дека процесот мора да се базира на заслуги, реформи и конкретни резултати.
-Нашите дискусии се фокусираа и на енергетските меѓусебни врски и транспортните коридори, особено во светлината на актуелните геополитички случувања, вклучително и ситуацијата на Блискиот Исток. Овие случувања дополнително ја нагласуваат потребата од зајакнување на регионалната поврзаност, одржливоста и енергетската безбедност, изјави Хоџа.
Додаде дека се осврнале и на прашањата за миграцијата и управувањето со границите, сметајќи ги како “клучни димензии на безбедноста на ЕУ и нејзините земји-членки“.