Остра критика на Руте до Словенија: Го поткопувате НАТО
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, остро ја критикуваше Словенија за начинот на кој ги презентира своите трошоци за одбрана. Во писмо испратено до техничкиот премиер Роберт Голоб на почетокот на мај, Руте предупреди дека ниските трошоци за одбрана на Словенија во време на криза „ја поткопуваат нашата колективна безбедност“. НАТО тврди дека Љубљана вештачки ги зголемила бројките за да ја достигне целта од два проценти од БДП, додека фактичките трошоци се многу пониски.
Според официјалните податоци што Словенија ги достави до алијансата, земјата треба да издвои 2,01 процент од БДП за одбрана во 2025 година, што е зголемување од 51 процент во споредба со претходните години.
Сепак, НАТО проценува дека скокот е во голема мера резултат на вклучувањето на ставки што не спаѓаат во договорената дефиниција за трошоци за одбрана. Кога овие проекти ќе се исклучат, фактичките трошоци за одбрана на Словенија изнесуваат само околу 1,6 проценти од БДП, околу 300 милиони евра помалку од пријавеното.
Предупредувањето доаѓа во време кога привремената влада дополнително ги намалува трошоците за одбрана за приближно 75 милиони евра поради буџетски притисоци, првенствено на сметка на опрема, инфраструктура и модернизација на армијата. Иако во писмото не се наведува за кои проекти станува збор, се претпоставува дека тие вклучуваат инвестиции во инфраструктура со двојна намена, пошироки безбедносни програми и некои развојни инвестиции.
Руте повикува на преземање одговорност
Шефот на НАТО беше директен во своето писмо. „Постојано ниските трошоци за одбрана на Словенија во време на криза ја поткопуваат нашата заедничка безбедност додека се стремиме праведно да го поделиме товарот и да обезбедиме посилна Европа во рамките на посилно НАТО. Затоа е клучно Словенија да го преземе својот дел од товарот и да се справи со долгогодишните недостатоци“, напиша Руте.
Тој ја повика Словенија итно да ги обезбеди потребните средства и да ги зголеми и одржи своите трошоци за одбрана. „Ја повикувам Словенија да ги земе предвид само договорените основни трошоци за одбрана во обврската од 3,5 проценти“, рече тој.
Руте изрази надеж дека словенечката влада ќе ги реши несогласувањата околу бројките до следниот самит на НАТО, кој се одржува во Анкара на почетокот на јули, каде што очекува „плодна дискусија за плановите на сојузниците, вклучително и кредибилен пат за исполнување на обврската од 3,5 проценти“.
Канцеларијата на премиерот го потврди приемот на писмото на Руте и одговори на критиките. „Владата на премиерот Роберт Голоб издвои најголем износ на средства за одбрана досега и ја доведе Словенија до исполнување на својата долгогодишна обврска да издвојува два проценти од БДП за одбрана. Со ова, Словенија постигна она што ниедна претходна влада не го постигнала во минатото“, според канцеларијата на Голоб.
Тие нагласија дека „постојат различни гледишта за толкувањето на структурата на инвестициите“ и дека Словенија се залага за „пошироко разбирање на безбедноста и отпорноста, што, покрај воените капацитети, вклучува и инвестиции во критична инфраструктура, сајбер безбедност, енергетска безбедност, воена мобилност и други капацитети, важни за безбедноста на државата и алијансата“. Тие додадоа дека Голоб неколку пати изразил такво гледиште и дека другите членки на Алијансата се соочуваат со истата дилема.
Кабинетот на премиерот појасни дека „единствената оперативна обврска што Словенија ја прифатила е обврската од Резолуцијата за општата долгорочна програма за развој и опремување на словенечката армија до 2040 година, што беше потврдено од собраниеto“. Резолуцијата предвидува издвојување на два проценти од БДП за одбрана во 2025 година и постепено зголемување на три проценти до 2030 година.
„Се надеваме дека идната влада ќе ја разбере улогата на Словенија како кредибилен и одговорен член на алијансата и ќе ги исполни прифатените обврски“, заклучија тие.