Што носи новиот закон за енергетика: поефикасно тргување со струја, складирање енергија…


Фото: Б. Грданоски

Новиот Предлог-закон за енергетика е документ што ќе го обликува енергетскиот сектор на Македонија во следните децении. Ова не е само закон, туку визија за модерен, одржлив и конкурентен енергетски систем што ќе донесе придобивки за економијата, граѓаните и животната средина. Ова го посочуваат од Министерството за енергетика, откако предлог законот беше претставен пред пратениците во Собранието.

Од Министерството посочуваат дека овој закон е дел од нашите обврски како членка на Енергетската заедница, како и дека е транспониран европскиот „Пакет за чиста енергија“.

„Требаше да го усвоиме до крајот на 2023 година, но, да бидеме искрени, задоцнивме. Сега, во април 2025, сме целосно посветени да ја завршиме оваа работа. Со донесувањето на законот, ќе ги затвориме споровите со Енергетската заедница, како случаите ECS-11/24 за електрична енергија и ECS-21/24 за гас, што е важно за нашиот меѓународен углед“, се вели во соопштението до медиумите.

Покрај тоа, како што се додава законот е основа за создавање енергетски систем што ќе привлече инвестиции, ќе создаде работни места, ќе ја заштити животната средина и ќе обезбеди сигурна, достапна енергија за секој граѓанин.

„Горда сум што овој закон го напишаа македонски професионалци од јавната администрација, луѓе со долгогодишно искуство во енергетиката, без дополнителен надомест. Тие поставија високи стандарди за идната работа на министерството, и тоа е нешто што треба да го цениме“, вели министерката за енергетика Сања Божиновска.

Клучните новини во законот се однесуваат на неколку области. Како прво, како што посочуваат од МЕ, ќе се овозможат повеќе обновливи извори и инвестиции, со оглед што Законот го олеснува градењето соларни, ветерни и хидроелектрани преку Годишен план за енергетска инфраструктура. Инвеститорите можат да поднесуваат предлози до 1 јуни секоја година, а минитсертството ќе ги поддржува проектите што ги исполнуваат целите за чиста енергија. Законот исто така воведува јасни правила за приклучување на мрежата, за да нема хаос со премногу соларни панели на дистрибутивната мрежа.

Посебен дел се однесува на заштита на ранливите граѓани, при што, како што се наведува се воведува методологија за мерење на енергетската сиромаштија во соработка со Министерството за социјална политика.

„Домаќинствата што не можат да си ги платат сметките за струја ќе добијат поддршка – пониски цени преку универзален снабдувач или други снабдувачи. Владата може да одобри компензации за овие семејства, а ранливите потрошувачи ќе имаат и финансиска помош (на пример, субвенции за греење или енергетски ефикасни уреди) и нефинансиска помош (како забрана за исклучување од мрежа). Ова е за да никој не остане без струја во зима поради финансиски проблеми“, вели Божиновска.

Во однос на либерализацијата на пазарот, Законот создава пазар на електрична енергија каде цените се формираат пазарно, но со заштита за ранливите.

„Воведуваме пазар „ден однапред“ и „во тековен ден“, што овозможува поефикасна трговија со струја. МЕМО е назначен за номиниран оператор (НЕМО) за четири години, што ќе го поврзе нашиот пазар со европскиот преку механизам наречен „market coupling“. Ова значи дека можеме да купуваме и продаваме струја по конкурентни цени, што може да ги стабилизира сметките за граѓаните. На пример, ако во регионот има вишок струја, можеме да ја купиме поевтино, а ако имаме вишок, да ја продадеме“, вели Божиновска.

Складирањето на електрична енергија станува посебна дејност, што е клучно за управување со обновливите извори. На пример, соларните панели произведуваат струја преку ден, но со складирање може да се користи и навечер. Ова ја прави мрежата постабилна и ја намалува потребата од увоз во шпиц-периоди. Исто така, ќе се интегрира полнењето на електрични возила во мрежата, со јасни правила за станиците за полнење.

„Ако сакате да возите електричен автомобил, законот гарантира дека станиците за полнење ќе бидат достапни и дека цените за струја за полнење ќе бидат разумни, во рамките на просечните цени на горивата“, вели Божиновска.

Се воведуваат и паметни мерни системи за точно мерење на потрошувачката, а се отстранува можноста броилата да не се читаат, што досега создаваше конфузија кај граѓаните. Секој потрошувач ќе може да го смени снабдувачот за само 48 часа, без трошоци за домаќинствата и малите потрошувачи. Ова значи поголема слобода – ако не сте задоволни од вашиот снабдувач, можете брзо да изберете друг, без бирократија.

Исто така, како што посочува министерката, Законот им дава можност на граѓаните да формираат енергетски заедници. На пример, неколку соседи можат да постават соларни панели, да произведуваат струја за себе и да ја продаваат вишокот. Ова ги прави граѓаните активни учесници во енергетскиот пазар, а не само пасивни потрошувачи. Идејата е да имате контрола врз вашата енергија и да заштедите.

Законот исто така воведува мерки за справување со ризици во снабдувањето со струја и гас. Министерството ќе подготвува планови за итни ситуации, за да биде подготвено за кризи, како прекини во снабдувањето. Ова е особено важно во зима или во периоди на висока потрошувачка.

Во однос на управувањето со енергетските мрежи, се воведува Десетгодишен план за развој на електропреносниот систем и јасни правила за операторите на мрежите. Министерството станува сопственик на операторот на електропреносниот систем, што дава поголема контрола врз стратешките одлуки. Исто така, се осигурува дека мрежите се подготвени за повеќе обновливи извори и за зголемена потрошувачка, како од електрични возила.

Божиновска пред пратениците образложи дека Законот немаше забелешки од собраниските комисии, како и дека министерствот е отворено за амандмани во второто читање, за да се направи текстот уште подобар.

„Целта ни е да создадеме закон што ќе трае, што ќе даде правна сигурност и нема да бара чести измени. Имплементацијата бара соработка на сите институции – ќе треба да ги зајакнеме капацитетите на РКЕ, операторите на мрежите и министерството. Ќе воведеме нови процедури, платформи за известување, обуки за кадар и ќе соработуваме со регионални и европски партнери. Исто така, ќе работиме со приватниот сектор и граѓанските организации“, вели Боќиновска.

Таа е уверена дека законотќе го стимулира економскиот раст, ќе го забрза технолошкиот напредок, ќе ја заштити животната средина и ќе нè приближи до европските и глобалните климатски цели за 2050 година.

„Целта е Македонија со соларни панели на покривите, електрични возила на патиштата и стабилни сметки за струја – тоа е она што го градиме со овој закон. Сакаме да бидеме лидер во регионот во чиста енергија, и ова е голем чекор во таа насока“, вели министерката за енергетика Сања Божиновска.