Божиновска за „Енерџигејм“: Можеме да станеме активен дел од регионалните енергетски текови


Можеме да одиграме конструктивна улога преку зајакнување на сопствените интерконекции и интегрирање во поцелосно развиена мрежа за природен гас во ЈИ Европа, вели министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска во интервју за грчкиот енергетски портал „Енерџигејм“ (Energygame) и додава дека „нашиот директен придонес е промовирање на проекти што нè поврзуваат подобро со Грција и Србија“, кои, според неа можат да придонесат „земјата да се позиционира како активен дел од регионалните енергетски текови“, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерката објаснува дека конкретните придобивки се јасни: поголема сигурност во снабдувањето, повеќе конкуренција, подобар пристап до алтернативни извори на снабдување, посилни услови за индустријата и попривлечна инвестициска средина, а стратешки, „се зајакнува и нашата улога како доверлив партнер во европската агенда за енергетска диверзификација“.

А токму диверзификацијата како услов за енергетската безбедност ја спомена како главен приоритет за нашата земја, посочувајќи дека за мал енергетски систем кој зависи од увоз, „диверзификацијата е прашање на отпорност, конкурентност и национална безбедност“, особено по последните геополитички случувања во Европа.

– За нашата земја, ова се пресликува во три практични приоритети. Прво, треба да обезбедиме пристап до различни извори и рути за природниот гас и нафтените производи. Второ, треба да ги зајакнеме мрежата за пренос на електрична енергија и прекуграничната соработка, бидејќи ниту една земја во Југоисточна Европа не може сама да изгради енергетска безбедност. Трето, треба да го забрзаме домашното производство од обновливи извори на енергија и модернизација на мрежите, за зелената транзиција да стане и политика на безбедност, објасни Божиновска.

Додаде дека енергетската безбедност и зелената транзиција „не ги гледаме како спротивставени приоритети“, туку напротив, успешната транзиција мора да биде безбедна, економски пристапна и социјално одржлива.

Се осврна и на новиот Национален план за енергија и клима за кој рече дека е особено важен, бидејќи поставува структурирана рамка за зголемување на инвестициите во соларна, ветерна и хидро енергија, подобрување на енергетската ефикасност, како и постепено намалување на зависноста од јаглен, нагласувајќи дека „пристапот е прагматичен: нема зелена транзиција без безбедност и нема долгорочна безбедност без диверзификација и декарбонизација“.

Паралелно, за финансиските инструменти на ЕУ истакна дека се од клучно значење, но и дека „регионот има потреба од побрза, попредвидлива и пофлексибилна поддршка за стратешки енергетски инфраструктури“.

– За регионот, приоритетот е јасен: финансирање на инфраструктури што ги поврзуваат пазарите, ја поддржуваат интеграцијата на обновливите извори на енергија и ја зајакнуваат енергетската безбедност. Тоа значи електроенергетски интерконекции, рути за диверзификација на природен гас, модернизација на мрежите, складирање енергија, енергетска ефикасност и проекти за праведна транзиција. Западен Балкан треба да стане дел од енергетското решение на Европа, истакна министерката.

За продуктоводот Солун – Скопје што одново беше активиран по пауза од 13 години, објасни дека е во денешната геополитичка средина, секоја дополнителна функционална рута ја зајакнува отпорноста, ја намалува зависноста од патен транспорт, ја подобрува предвидливоста на синџирот на снабдување и придонесува за посигурно снабдување со горива.

– За нашата земја, нафтоводот ја зајакнува безбедноста во снабдувањето со нафтени производи и поддржува поефикасни процеси на увоз. За Грција, ја зајакнува улогата на Солун и грчките инфраструктури како регионален енергетски и логистички центар. За Југоисточна Европа во целина, стратешкото значење е пошироко: покажува дека постоечките инфраструктури можат повторно да се активираат и модернизираат за да одговорат на современите потреби за енергетска безбедност. Не станува збор само билатерален проект. Се вклучува во пошироката логика на регионална отпорност, каде што нафтоводи, пристаништа, ЛНГ терминали, електроенергетски линии и гасни интерконекции создаваат постабилен и пофлексибилен енергетски систем, посочи министерката.

Во однос на главните пречки за забрзување на енергетските поврзувања на Западен Балкан, објасни дека се и технички, но и се регулаторски, финансиски и институционални, додека пак за регионалните пазари посочи дека се од клучно значење, бидејќи „малите национални пазари се поизложени на нестабилност, ограничена ликвидност и нарушувања во снабдувањето“, а со поврзаноста „електричната енергија и природниот гас можат поефикасно да се насочуваат таму каде што има потреба“, при што се зајакнува конкуренцијата, а цените се формираат во потранспарентна и пофлуидна средина.