ФИФА го прекинува партнерството со „Панини“
ФИФА и „Фанатикс“ потпишаа долгорочен ексклузивен договор според кој „Топс“, во сопственост на „Фанатикс“, ќе стане ексклузивен производител на колекционерски картички за размена, сликкички и игри за Светското првенство и други настани на ФИФА, почнувајќи од 2031 година.
Овој потег го прекинува децениското партнерство со „Панини“, чии сликички обликуваа генерации фудбалски фанови. Финансиските услови на договорот не беа откриени, но извор запознаен со договорот рече дека тој опфаќа „повеќе циклуси“ од Светското првенство.
Договорот ја прекинува лиценцата на „Панини“ за сликички на Светското првенство на ФИФА, која континуирано трае од 1970 година. „Панини“ ќе продолжи да произведува сликички и картички за изданијата на турнирот во 2026 и 2030 година. „Топс“ веќе ја доби лиценцата на УЕФА од „Панини“ за Европското првенство за мажи во 2024 и 2028 година, Европското првенство за жени во 2025 година и финалето на Лигата на нации во 2028 година.
Минатиот месец, „Фанатикс“ обезбеди ексклузивни права за производство на колекционерски предмети за националните тимови на Бразил (од 2027 година), Англија и Германија (од 2031 година) и Италија (од 2035 година). Оваа недела беше потпишан договор со Аргентина, кој стапува на сила веднаш. Потпишани се и идните права за националниот тим на Соединетите Американски Држави, изјави извор запознаен со бизнисот, а ексклузивен договор беше потпишан и со Дејвид Бекам во февруари.
Според извор запознаен со финансиите на компанијата, приходите на „Фанатикс“ од колекционерски предмети во 2026 година „ќе се приближат до 5 милијарди долари“, додека вкупните приходи на компанијата се проценуваат на близу „14 милијарди долари“. „Фанатикс“ ќе биде и официјален лиценциран продавач на стадиони за време на Светското првенство во 2026 година, управувајќи со малопродажбата за 104 натпревари во САД, Канада и Мексико.
Со губењето на клучните лиценци, иднината на „Панини“ станува сè понеизвесна. Компаниите веќе се во правна битка во која „Панини“ ги обвинува „Фанатикс“ за антиконкурентско однесување и монополизирање на индустријата за спортски картички по потпишувањето ексклузивни договори со НБА и НФЛ, кои претходно ги држеше „Панини“.
„Фанатикс“ ги негира овие обвинувања и во својата контратужба тврди дека „Панини“ се вклучил во „долготрајна, незаконска и измамничка кампања на нефер трговски практики“ за да ги принуди „Фанатикс“ да плаќаат надуени цени за предвремено раскинување на лиценците.
Според The Athletic, „Панини“ генерирал 720 милиони долари нето продажба од своите производи за Светското првенство во 2022 година и проектира приходи од 1,48 милијарди долари и 1,5 милијарди долари за турнирите во 2026 и 2030 година, соодветно.
Кон крајот на 2025 година, „Панини“ ја ангажираше CitiGroup како свој финансиски советник за да истражи стратешки опции, вклучувајќи целосна или делумна продажба и ИПО. Компанијата е проценета на 5,8 милијарди долари, а одлука за надворешни инвестиции се очекува до крајот на годината.