Владата се фали со најевтини горива, но инфлација во април скокна на 5,7 отсто, дали е тоа пикот?
Државниот завод за статистика за април измери годишна инфлација од 5,7 отсто, што е значајно зголемување во однос на претходниот месец кога трошоците за живот (преку кои кај нас се мери стапката на инфлација) беа 4,9 отсто, а во февруари 2,9 отсто. Тоа значи дека годишната инфлација за само два месеци речиси е двојно повисока.
Премиерот Христијан Мицкоски речиси секојдневно потенцира дека имаме најевтини цени на бензините споредено со земјите во регионот и во Европа, но очигледно таквата политика на Владата не ја смири инфлацијата. Во исто време, држави кои имаат повисоки цени на бензините, регистрираат иста или пониска стапка на инфлација.
Мицкоски во неколку наврати деновиве навести дека инфлацијата во Македонија ќе се зголеми, што го објасни со актуелната енергетска криза, но и со ниската споредбена основица во однос на истиот период лани, кога во примена беа мерки за заштита на стандардот на населението, преку таканаречената Велигденска кошница.
Ваквиот скок на инфлацијата е загрижувачки, но и покрај тоа Владата не се одлучуа да преземе било какви мерки со образложение дека кај храната зголемувањето било под еден процент. Ако се земе просекот во првите четири месеци годинава, во однос на истиот период лани, тогаш трошоците за живот се зголемени за 4,2 отсто, но во истиот период трошоците за живот кај храната се зголемени за 6,1 отсто.
Во денешното соопштение на Државниот завод за статистика се посочува дека трошоците за живот во април 2026 година, во однос на април лани, бележат зголемување од 5,7 отсто, а цените на мало раст од 5,0 отсто.
Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците зса живот во април 2026 година, во однос на март 2026 година, изнесува 1,3 отсто.
Во април 2026 година, во однос на март 2026 година, зголемување на трошоците за живот е забележано во следните групи: Транспорт за 10,1 отсто, Рекреација, спорт и култура за 1,4 отсто, Алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 1,2 отсто, Храна и безалкохолни пијалаци за 0,7 отсто, Облека и обувки, Лична нега, социјална заштита и разновидни стоки и услуги и Информации и комуникации за 0,6 отсто, Ресторани и услуги за сместување за 0,4 отсто, Домување, вода, електрична енергија, гас и други горива, Здравствена заштита и Услуги за образование за 0,3 отсто.
Намалувањето на инфлацијата во април 2026 година, во однос на март 2026 година, е резултат на намалувањето на трошоците за живот во групата Покуќнина, опрема за домаќинствата и редовно одржување на домаќинствата за 0,2 отсто.
Трошоците за живот во групата Осигурување и финансиски услуги остануваат на исто ниво како и претходниот месец.
Цените на мало во април годинава, пак, во однос на март, забалежале раст од 3,2 отсто.
„Јас реков дека моите очекувања се како во земјите од регионот, Бугарија е над шест проценти, Еврозоната е над три проценти, Хрватска е околу шест проценти, слично е и во Грција, Косово е седум осум проценти… Реков дека во тие рамки, пет-шест проценти се моите очекувања за годишната инфлација“, рече денес Мицкоски одговарајќи на прашања на новинарите по Германско-македонскиот бизнис самит во Скопје.
Тој повтори дека во април лани имавме Велигденска кошничка, но за Мицкоски е важно дека кај прехранбените производи годишната стапка на промена, па и месечната е помала од вкупната инфлација. Најголемите отстапувања се во делот на транспортните услуги, посебно билетите за нискобуџетните авиокомпании, каде што имало до 150 проценти зголемување на цените.
„Така што, очекувам со намалување на цената на нафтата и на нафтените деривати и тој дел од пазарот да се смири. Да почекаме да видиме во мај месец како ќе се движат работите за да дискутираме, инаку ние како Влада дневно ја следиме состојбата и тоа го кажа и ММФ дека како држава сме во првите три во Европа според применетите мерки како процент од БДП“, рече Мицкоски.
„Камо ли да сме за сѐ вака во Европа, како што сме за мерките, ние би биле на многу поинаква состојба од оваа што сме денеска, но за жал не сме, така што ние како Влада правиме и повеќе од тоа што се нашите моментални можности имајќи ја во предвид испразнетата и ограбена државна каса која што е резултат на некои минати времиња“, рече тој.
На прашањето дали сепак во Владата се разгледуваат мерки за прехранбените производи, Мицкоски одговори дека во моментот опцијата основните прехранбени производи и ДДВ кое што е пет проценти да биде намалено, сѐ уште е на маса.
„Но, повторно ви велам, околу 0,7 проценти е месечната промена на цените на основните прехранбени производи на сметка на транспортните услуги. Тоа е она што е предмет на нашата анализа“, рече Мицкоски.
Народната банка, пак, чија основна задача е да се грижи за стабилноста на цените и на националната валута, не исклучува затегнување на монетарната политика доколку инфлацијата продолжи да биде висока, што го посочи во вчерашното соопштение. Тоа значи зголемување на освната каматна стапка, но последователно и поголеми камати на кредитите во банките.
Денеска, гувернерот Трајко Славески, образложувајќи ги најновите макроекономски проекции, рече дека се очекува инфлацијата годинава да изнесува околу 4 отсто, при што стабилизирањето ќе биде побавно во услови на повисоки цени на енергентите и храната.
Во наредниот период се очекува постепено намалување на инфлацијата на речиси 3 отсто во 2027 година и нејзино враќање кон историскиот просек од 2 % на среден рок под влијание на закотвените инфлациски очекувања и ограничените притисоци од домашната побарувачка.
Сепак, треба да се има предвид дека НБ посочува на понеповолна надворешната позиција на економијата, односно на зголемување на дефицитот на тековната сметка на 5,7 отсто од БДП во 2026 година под влијание на повисокиот увоз на енергенти и инвестициските активности.
„На среден рок се очекува негово постепено намалување при стабилни финансиски приливи, кои ќе обезбедат финансирање на дефицитот и натамошен раст на девизните резерви“ – нагласи Славески.
Опозицискара СДСМ, реагираше преку соопштение во кое се вели дека најновите податоци на Државниот завод за статистика уште еднаш ги потврдија „дилетантските политики на Мицкоски и суровата реалност во која живеат граѓаните“.
„Додека Христијан Мицкоски кажува бајки за „трета економија“ во Европа, статистиката е поразителна. Во април оваа година има раст на инфлацијата од 5,7 проценти споредено со истиот месец 2025 година“, се вели во соопштението на СДСМ, укажувајќи дека владејаќкото мнозинств одбило да го укинат ДДВ на храната и да го намалат ДДВ на горивата на 5%, и да воведат какви било мерки за заштита на стандардот на граѓаните, а исто така одбија да ја зголемат минималната плата на 600 евра. (M.J.)