АХВ откри измами, се продавале сирења речиси без маснотии и без млеко


Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) откри сериозни отстапувања кај дел од млечните производи што се продаваат на домашниот пазар. Кај дел од анализираните примероци е утврдено дека реалниот процент на млечна маст е значително понизок од оној што бил наведен на декларацијата.

Во рамки на контролите биле земени 91 мостра од млеко, млечни и сувомесни производи од домашно производство и од увоз. Досега се комплетирани резултатите за 45 мостри млеко и млечни производи, додека анализите за сувомесните производи сè уште траат.

Според АХВ, кај 10 оператори биле утврдени неправилности во однос на квалитетот и означувањето на производите. Најдрастичен е случајот кај еден производител кај кој лабораториските анализи покажале дека ситно сирење, декларирано со 20 проценти млечна маст, всушност содржело само 1 процент. Поради измама на потрошувачите, на операторот му е изречена казна од 3.500 евра во денарска противвредност. Кај уште осум производители и увозници биле утврдени разлики меѓу декларираниот и реалниот процент на млечна маст, поради што им се изречени парични казни од по 1.050 евра.

Дополнително, кај еден оператор било утврдено користење растителни, односно палмини масти во производ означен како млечен производ. За овој прекршок е изречена казна од 1.300 евра, а спорниот производ, во количина од 500 килограми, е повлечен од продажба и уништен.

Од АХВ најавуваат дека засилените инспекциски контроли кај производителите и увозниците на млечни производи ќе продолжат и во наредниот период.