Што ќе финансира ЕУ во Македонија со 30-те милијарди евра?


Една од главните вести од самитот во Брдо беа 30-те милиајрди помош и грантови што ЕУ ги најави за шестте земји од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија. Сепак, колку и да звучат моќно милијардите, тие паднаа на втор план во однос на пораката дека нема датум за проширувањето, па и не се знае дали ќе има проширување.
 
Причината за ваквата рамнодушност кон финансиската помош од Брисел е разбирлива – досега со неколку планови (Пакт за стабилност, Берлински процес…) се најавуваа исто така милијарди, а ефекти од нив не се гледаат во регионот. Според најавата од ЕУ, само 9 од најавените 30 милијарди евра ќе бидат финансиска помош како дел од ИПА 3 програмата, што значи дека не се нов финансиски инструмент туку истиот, со поголема вкупна сума евра. За споредба, во периодот 2014-2020 во ИПА 2 програмата за шестте земји од Западен Балкан беа предвидени околу 4 милијарди евра помош, од кои 608 милиони евра доби Македонија, или поедноставно кажано – по 100 милиони евра годишно. Што, пак, навистина се искористи од тоа е друга сторија.     
 
Според оценката на Малинка Ристевска-Јорданова од Институтот за европска политика, дадена за „Фокус“, исто толкава сума се навестува и за 2021 и 2022 година за Македонија, при што за разлика од претходно, таа не е фиксна, ќе се дели и на државно и на регионално ниво, со приоритет на инфраструктурни проекти, но и условено од реезултатите околу владеење на правото и економските реформи. Доколку нема напредок во реформите или има назадување ,помошта може и да се суспендира.
 
Конкретно, од она што го објави ЕУ досега, во Македонија треба да се финансира делот од железничката пруга на Коридорот 10 од Белград до Атина, бидејќи Србија веќе наголемо ја гради на нејзина територија. Ќе се финансира и железничкиот коридор Скопје-Софија (Коридорот 8) и значајно ќе се инвестира во ветерни и сончеви паркови за да се покаже пример на другите во регионот колкав е енергетскиот потенцијал. Ќе се финансира исто така гасната конекција меѓу Македонија и Косово и ќе се помогне веќе актуелната македонска инвестиција за гасно поврзување на Македонија со Грција. Во планот е и комплетирање на прочистителната станица во Скопје и создавање интегриран регионален систем за менаџирање на отпадот  во Македонија, Албанија, Црна Гора и Србија.
 
Дали и колку пари ќе се слеат во нашата држава од фондовите наменети за енергетска ефикасност во градењето не е јасно, додека од фондовите за помагање на приватниот сектор половината ќе одат за иновации и зелена економија, што објаснува зошто сите партии станаа зелени преку ноќ. 
 
Од проектите што ќе се финансираат во регионот, покрај тие што се во тек на Коридорот 10 во Србија, се издвојуваат „Автопатот на мирот“ меѓу Приштина и Ниш, патното поврзување на европски градови со Сараево и Плоче, автопат Белград-Подгорица, железница меѓу Белград и Приштина, „Синиот автопат“ што ќе ја поврзе Хрватска со Грција преку Црна Гора и Албанија, поврзување на Тирана со Подгорица, хидро системи во Косово, Албанија и Црна Гора, „Балкански дигитален автопат“ и други проекти.
 

Инаку, со инструментот за пристапна помош (ИПА) на Македонија досега ѝ беа дадени на располагање милијарда и двесте милиони евра во временска рамка од 12 години. Фондовите од ЕУ значително се поголеми за државите членки, па така Хрватска пред пристапувањето (во периодот 2007-2013 година) добила околу 850 милиони евра, а откако стана членка (2014-2020) – 11 милијарди евра. Притоа, треба да се има предвид дека од ова треба да се одземат околу 3 милијарди евра кои Хрватска ги уплаќала во буџетот на ЕУ. (Н.В.)