„Дали на Мицкоски може да му се верува?“: Реакција на тутунарите по најавата за исплата на субвенциите

Премиерот денеска изјави дека почнуваат исплатите на субвенциите за тутунот од реколтата во 2025 година


Tутунарите чекаат да видат дали овие денови навистина ќе ги добијат субвенциите

 

БИТОЛА – Ветувани уште од април, денеска конечно стигна веста и од премиерот Христијан Мицкоски дека субвенциите за тутунот ќе бидат исплатени.

„Денеска ги исплаќаме субвенциите за тутунот, што се тековни“, рече Мицкоски за време на настанот во зоната „Жабени“ во Битола. Премиерот кажа дека 2 милијарди денари ќе легнат на сметките на тутунарите за предадената реколта тутун во 2025 година, како и тоа дека крајниот рок за исплата на субвенциите за тутунот е 30 јуни, што значи може да се толкува дека пред рокот земјоделците ќе имаат исплата на државната помош за производството на тутунот.

Бидејќи поминаа два и пол месец и неколку најави од Платежната агенција дека субвенциите ќе бидат исплатени, денеска тутунарите на социјалните мрежи јавно прашуваат: „Дали на Мицкоски може да му се верува!?“

Всушност, тутунарите прво добија ветување за исплата на туутнот во април, па во мај, па првата недела од јуни, и последно претседателот на Сојузот на тутунари Кире Ристевски излезе со изјава дека исплатата се пролонгира за 10 до 15 дена што предизвика уште пшоголема напнатост кај земјоделците. 

„Кажете премиере колку ќе биде исплатата на субвенциите, 100 денари за килограм предаден тутун или 80 денари? Додека не видат земјоделците пари на сметка не веруваат“, коментираат земјоделците и меѓусебе се прашуваат  на социјалните мрежи – дали некој има пари на смеката?

Мицкоски на новинарско прашање денеска кажа дека во 2024 година кога ја презеле власта исплаќале заостанати субвенции од 2021 година и дека сега за неполни две години веќе се исплаќаат тековните субвенции за 2025 година.

„Ако се собере вкупниот број на исплатени субвенции од страна на владата на СДСМ и ДУИ во периодот 2021, 2022, и 2023 година како директни плаќања и поддршка на Програмата за рурален развој, тогаш ќе дојдеме до вкупна сума за три години помала од 14 милијарди денари. Оваа Влада, за две години, денес и утре ќе ги исплати субвенциите за тутунарите, за две години има исплатено околу 15 милијарди денари, што значи една милијарда денари повеќе отколку што тие исплатија за три години. Тоа е вистината и ова се бројки“, рече Мицкоски.

Мицкоски посочи дека за разлика од пред четири години кога се откупувал тутунот за 150 денари за килограм, сега се потпишуваат договори за откуп на тутунот за 450 денари.

„И она што е различно е дека тогаш имавме 16,17 до 18 милиони килограми тутун, а сега имаме 26, 27 до 28 милиони килограми тутун“, рече Мицкоски и оцени дека опозицијата ги манипулира граѓаните и земјоделците.

Инаку вообичаена пракаса за исплата на субвенциите за тутунот е април (така беше 2023, 2024, 2025 година) со исклучок на некои години.

Откако министерот Цветан Трипуновски ја „преживеа“ интерпелацијата претседател на Сојуз на тутунопроизводители, Киро Ристевски за земјоделците испрати соопшти дека здружението јавно го поддржуваа министерот Трипуновски оти тутунопроизводителите добиле највисоки откупни цени на тутунот.

„Да го вратиме тутунопроизводителот и земјоделецот на прво место во државата, бидејќи ние точно знаеме дека со него на чело на Министерството за овие две години имаме највисоки откупни цени на тутунот и со неговата и поддршката на целата Влада успешно одолеваме на сите напади со кои се соочува тутунската индустрија на светско ниво“, рече Ристевски.

Поддршка за министерот од страна на Сојузот на тутунопроизводители наиде на критики кај јавноста.

„Кои тутунари те избрале тебе за нивен претставник, па во нивно име јавно да даваш поддршка на министер кој не е способен навремено да ги исплати субвенциите на тутунопроизводителите? Да бевме нормална држава, каква што очигледно не сме, одамна некои институции ќе се позанимаа со многу работи и активности што се случуваат во земјоделството и околу него. Веќе две години го водиш Сојузот, на чија сметка, според пресметките, се слеале околу еден милион евра средства собрани од тутунопроизводителите“, критикува Игор Мирчески поранешен координатот на новоформираните земјоделски здруженија. И додава:

„Тутунарите имаат право да знаат колку пари се собрани по години, на кој начин се трошени, колку средства има моментално на сметката на Сојузот и за кои намени се потрошени или се трошат“, вели Мирчески.

По најавите за исплата на субвенциите на тутунарите и сточарите испратија јавно прашања до премиерот кога ќе им бидат исплатени субвенциите по грло говедо за 2025 година, и кога ќе ја добијат премијата за предаденото млеко од јуни месец 2025 година досега.