Шест години пријателство што ги поврзува Крива Паланка и Франција преку Europ’Raid


Крива Паланка и оваа година со особена радост ги пречека учесниците на Europ’Raid, авантуристичкото европско патување кое веќе шест години создава мостови на пријателство меѓу Франција и Македонија, преку дружење, солидарност, културна размена и незаборавни средби.

Пристигнувањето на караванот од автомобили повторно внесе посебна енергија во градот, но и уште еднаш покажа дека Europ’Raid е многу повеќе од патување низ Европа. Тоа е приказна за луѓе кои се среќаваат, споделуваат искуства, запознаваат различни култури и создаваат пријателства што ги надминуваат границите.

Посебно значаен дел од овогодишната посета беше донацијата на училишен прибор и едукативни материјали за учениците од Крива Паланка. Овој благороден гест уште еднаш
потврди дека вистинското пријателство не се мери само со убавите средби, туку и со добрите дела и подадената рака.

Во знак на благодарност за посетата и за значајната донација, на присутните им се обрати
градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, кој истакна дека шестгодишната традиција на Europ’Raid во Крива Паланка прераснува во вистинско
пријателство и силна врска меѓу двете земји.

„Шест години пријателство, доверба и убави спомени се доказ дека кога луѓето се поврзуваат преку искрени вредности, границите стануваат помалку важни. Ви благодарам што повторно ја избравте Крива Паланка и што со вашата енергија, насмевки и добри дела го збогатувате нашиот град. Нека вашите патишта ве водат кон нови хоризонти, а пријателството секогаш нека ве враќа во Крива Паланка“, порача градоначалникот Митовски.

Од првата средба до денес, Europ’Raid во Крива Паланка прерасна од една попатна станица во традиционална средба на пријатели. Шест години исполнети со насмевки, дружење, младост, солидарност и културно поврзување се доказ дека најубавите мостови меѓу луѓето се градат со искреност и пријателство.