ЕУ ја поддржа стратегијата на ЕИБ со поголеми вложувања во енергетиката, технологијата и одбраната


Советот на гувернери на Европската инвестициска банка (ЕИБ), кој го сочинуваат министрите за финансии на државите членки на Европската Унија, ја поддржа новата стратегија на Групацијата ЕИБ насочена кон поголемо финансирање на проекти во областа на енергетската самостојност, технолошките иновации, безбедноста и одбраната.

ЕИБ соопшти дека е на пат годинава да го задржи рекордното ниво на финансирање од 100 милијарди евра, како и да ја достигне целта според која пет отсто од нејзиното работење ќе биде насочено кон безбедноста и одбраната.

Министрите за финансии на ЕУ го поддржаа и продолжувањето на активностите насочени кон зајакнување на инвестициите во енергетската транзиција, технолошкиот развој, одбранбените капацитети и поддршката за Украина, се наведува во соопштението.

Претседателката на Групацијата ЕИБ, Надја Калвињо, изјави дека финансирањето од оваа институција придонесува за економската сигурност на Европа преку вложувања во енергетската независност, технолошкото лидерство, отпорната инфраструктура и меѓународните партнерства.

Според податоците на ЕИБ, групацијата во текот на 2025 година обезбедила финансирање од 100 милијарди евра и мобилизирала инвестиции во енергетските мрежи, водоснабдувањето, транспортот, домувањето и во проекти во Украина.

ЕИБ наведува дека преку програмата „TechEU“ ги зголемува вложувањата во вештачката интелигенција, дигиталната инфраструктура и напредните технологии, при што годинава за овие проекти се издвоени повеќе од 22 милијарди евра.

Во областа на безбедноста и одбраната, Групацијата ЕИБ ги прошири критериумите за финансирање за да ги опфати и воените проекти и компаниите од секторот за одбрана, а финансирањето за таа област годинава е зголемено на повеќе од четири милијарди евра. ЕИБ очекува дека вложувањата во безбедноста и одбраната во текот на 2026 година ќе чинат пет отсто од нејзиното годишно работење во Европската Унија.

Кога станува збор за активностите надвор од Европската Унија, ЕИБ истакнува дека во текот на 2025 година одобрила рекорден обем на средства за проекти во Украина, како и дека ја продолжува поддршката за земјите кандидатки за членство во ЕУ и за партнерите во рамките на иницијативата „Global Gateway“.

За нов претседател на Советот на гувернери на ЕИБ е именуван данскиот министер за оданочување и економски раст, Јакоб Енгел-Шмит, кој на таа функција ја наследи чешката министерка за финансии, Алена Шилерова.