Штип утре ќе се прости со петмината загинати во дискотеката во Кочани


Штип утре ќе се прости од петмината загинати во пожарот во дискотеката во Кочани. Во пожарот загинаа Дамјан Таневски, Филип Ивановски, Филип Стевановски, Александар Коларов и Александар Ефремов. 

Граѓаните ќе можат да се простат со Дамјан Таневски и Филип Ивановски во Соборниот храм „Свети Никола“, со Филип Стевановски и Александар Коларов во црквата „Успение на Превета Богородица“ во штипско Ново Село, а со Александар Ефремов во црквата „Света Троица“ кај градската капела во Штип.

Од Јавното претпријатие „Стипиоин“-Штип во писмено соопштение информираа дека покрај редовните линии и термини кои веќе функционираат на предвидените стојалишта и локации, ќе бидат воведени дополнителни линии на јавниот автобуски превоз, кој ќе биде бесплатен за сите граѓани.

Дополнителната линија Три Чешми – Чардаклија – Дом на култура – Градски гробишта ќе се одвива според следните термини на поаѓање: Кампус 4 – 08:30 ; Три Чешми – 08:35 ; Чардаклија – 08:45 ; Балканска – 08:47 ; нас. Македонка – 08:50 ; Железничка 08:52 ; ЕМУЦ – 08:55 ; Дом на култура – 09:05 ; Ново село – 09:10 ; Градски гробишта – 09:15.

Дополнителен број на возила во 11 часот ќе има со поаѓање од автобуското стојалиште пред Домот на културата и автобуското стојалиште во Ново Село (кај Јаворот) до Градските гробишта. Враќањето од Градските гробишта е во 13:30 часот од истата локација со оставање на патниците и од автобуското стојалиште пред ДСУ „Искра“.

– Редовните линии кои се истакнати во возниот ред на ЈП „Стипион“ ќе се одвиваат во предвидените термини. Се замолуваат граѓаните на разбирање и толеранција во однос на можните доцнења на редовните временските термини поради очекуваниот сообраќаен метеж во централното градско подрачје, велат од ЈП „Стипиоин“.