Шпанија апелира на воздржаност и нуди помош за медијација


 Министерството за надворешни работи на Шпанија повика на воздржаност со цел да се избегне воена ескалација помеѓу Индија и Пакистан.

– Министерот за надворешни работи, Европска Унија и соработка, Хозе Мануел Албарес, разговараше со своите колеги од Индија, Субраманиам Џаишанкар, и од Пакистан, Ишак Дар, со цел од прва рака да дознае повеќе за ситуацијата што се разви во последните часови и да размени мислења со двете страни, се наведува во соопштението на шпанското МНР.

Албарес апелираше на воздржаност и избегнување на воена ескалација, при тоа потенцирајќи ја важноста на дијалогот и дипломатијата. Тој понуди и Шпанија да посредува помеѓу Индија и Пакистан во билатералниот дијалог или во дијалогот во рамките на Обединети нации.

Претходно, пакистанското МНР соопшти дека Дар разговарал со Албарес, при што го изложил ставот на Пакистан за „неиспровоциран и незаконски чин на агресија на Индија, што претставува грубо кршење на пакистанскиот суверенитет и јасно кршење на меѓународното право“.

Дар, според пакистанското МНР, „ја нагласил трагичната загуба на невини цивили и сериозните последици од инцидентот по мирот во регионот и стратешката стабилност“.